Собраниско раководство



Среда, 3 ноември 2010 година

МАКЕДОНИЈА И КАНАДА - ВИСТИНСКИ ПРИЈАТЕЛИ ВО ВИСТИНСКО ВРЕМЕ

Република Македонија во Канада препознава вистински пријател во вистинско време. Благодарни сме за целата поддршка која Канада ѝ ја дава на Република Македонија, за признавањето под уставното име, за принципиелниот став за зачленување на Република Македонија во НАТО, како и за можноста македонските иселеници да ги уживаат сите права како и сите други граѓани на Канада, се дел од констатациите на претседателот Вељаноски на средбата со неговиот канадски колега, претседател на Претставничкиот дом на парламентот на Канада, г. Питер Миликен.

Претседателот Вељаноски посочи дека Република Македонија, како млада демократска држава, е подготвена да учи од држави со вековна демократска традиција и притоа изрази целосна подготвеност да поддржи секаква парламентарна соработка, но во исто време нагласи дека нивото на политичкиот однос меѓу Република Македонија и Канада треба да се преслика и во областа на економијата.

Задоволен што може да возврати на македоската гостопримливост која ја почувствувал при посетата на Република Македонија во 2008 година, претседателот Миликен искажа задоволство од динамиката со која се одвиваат односите меѓу двете држави, како и од можноста досега воспоставената парламентарна соработка да биде дополнително унапредена, како на билатерално ниво, така и во рамките на меѓународните организации.

Во текот на денот, собраниската делегација предводена од претседателот Вељаноски оствари средби и со членовите на Комисијата за надворешни работи и меѓународен развој на Претставничкиот дом на парламентот на Канада, со двајца пратеници - парламентарни секретари на министерот за надворешни работи и на министерот за меѓународна соработка на Канада, како и со членовите на Канадско-европска асоцијација и членовите на Делегацијата на Канада за Парламентарното собрание на ОБСЕ.

Покрај многуте прашања кои беа отворени на споменатите средби, особено внимание беше посветено на улогата на Република Македонија во мировните мисии на НАТО во Авганистан и нејзината улога во зачувувањето и одржувањето на мирот и стабилноста на Балканот и пошироко. Во таа насока, претседателот Вељаноски потенцираше дека Република Македонија иако формално не е членка на НАТО, ги презема и ги исполнува сите обврски кои ги имаат полноправните членки на Алијансата и уште додаде дека и по неповолниот резултат за Република Македонија на Самитот во Букурешт, интегрирањето во НАТО останува наша стратешка определба, истата потврдена со зголемувањето на бројот на војниците во мировните мисии, како и со показателот дека над 80 проценти од македонските граѓани позитивно се изјаснуваат по прашањето за членство во НАТО.

Во продолжение на официјалната посета на Канада, македонските пратеници ќе се сретнат со претседателот на Сенатот на Канада, г. Ноел Кинсела и со министерот за меѓународна трговија на Канада, г. Питер Ван Лоун.

Click