Собраниско раководство



Среда, 8 септември 2010 година

Обраќање на претседателот Вељаноски на Свечена академија по повод 8 септември - Ден на независноста на Република Македонија

Почитуван претседателе на Република Македонија,
Почитувани колеги пратеници,
Почитувани министри,
Почитуван Претседател на Македонската Адакемија на Науки и Уметности,
Почитуван поглавар на Македонската Православна Црква господин господин Стефан,
Почитувани високи претставници на верските заедници,
Ваши екселенции,
дами и господа,

Во историјата на македонскиот народ и на сите граѓани на Република Македонија, во стремежот, борбата и сонувањата за  самостојна држава,  три значајни датуми, засекогаш ќе останат во историски спомен, а тоа се двата Илиндена, Илинден 1903, Илинден 1944 година и Oсми септември 1991 година кога на Референдумот над 95 проценти  од гласачите се определија за самостојна и суверена Република Македонија.

Денес кога одбележуваме 19 година од овој историски настан сакам уште еднаш да изразам благодарност и восхит до граѓаните на Република Македонија кои во едно турбулентно време на распаѓање на некогашната СФРЈ излегоа на референдум и со огромно мнозинство ја потврдија идејата, стремежите и определбите на сите оние претходни генерации втемелени во двата Илиндена, а тоа е самостојна и независна Република Македонија како држава на македонскиот народ и на сите нејзини граѓани.

Исто така, сакам да изразам благодарност и до пратениците од првиот состав на Собранието на Република Македонија, потоа првата Влада на Република Македонија, како и првиот претседател на Република Македонија, кои тргнувајќи од своите уставни надлежности ги воспоставија темелите на Република Македонија како независна, суверена  и меѓународно призната држава.

Само да потсетам токму врз резултатите на Референдумот и врз успешното функционирање на државата и државните институции, од страна на Бадинтеровата комисија,  Република Македонија доби препорака за нејзино меѓународно признавање.

Дами и господа,

Со осамостојувањето на Република Македонија започна  реформа на општествено-економскиот систем. Повторно е вратена приватната сопственост како основа на економскиот и општествениот развој. Воведено  е пазарното стопанство како вистински регулатор на економските текови. Воспоставен е уставно-правен систем, кој се темели врз човековите права и слободи и принципите на политичкиот плурализам како основа на парламентарната демократија. Создадено е солидно цивилно општество кое е темел врз интересите на граѓанинот, а кое денеска е значаен фактор во целокупното општествено живеење, а јас би рекол и вистински партнер, но и остар критичар на секоја власт.
Овие процеси, барем кога станува збор за човековите права и парламентарната демократија, се динамична категорија која постојано се развива и надоградува, а во изминатиов период ние тоа континуирано го правиме што е забележено и во извештаите на меѓународните институции. 

Почитувани сограѓани,

Во овие 19 години Република Македонија и ние граѓаните поминавме преку многу премрежја.

За жал, уште на почетокот како држава, и како народ, и граѓани, се судривме со оној историски проблем, а тоа е непризнавањето на македонскиот народ и неговата вековна определба за самостојна држава. Веќе на самиот почеток од нашата самостојност беше наметнат апсурдниот спор од нашиот јужен сосед со нашето уставно име, нашиот национален културен и јазичен идентитет. Спротивно на сите меѓународни норми ни беше наметната референцата ФИРОМ, како услов за прием во ОН и другите меѓународни институции. Референца која, како што велат многу наши пријатели од меѓународните институции, ја нарекуваат срамна пред сè за самата меѓународна заедница. Врв на оваа апсурдност беше секако блокадата на Република Македонија да стане полноправна членка на НАТО на Самитот во Букурешт иако ги исполнивме сите услови. А зарем не е деградирање на идејата за обединета Европа и за нејзините институциите кога имаме препорака за добивање на датум за започнување на преговорите, нашиот јужен сосед користејќи ја својата позиција едноставно со вето, го блокира овој став на сите други.

Во нашата историја ова не е прв пат некој да се  обидува  да го негира  нашиот национален и културен идентитет. Но македонскиот народ секогаш успевал да го зачува својот национален идентитет, својот јазик, својата самобитност. Зарем идеите и делата на првите илинденци Гоце Делчев, Даме Груев, Ѓорче Петров, зарем борбата на хероите од Мечкин Камен, или на учесниците на февруарскиот поход и на сите партизани кои ја извојуваа победата во Втората светска војна, зарем идеите и ставовите на Ченто, на Кузман Јосифовски Питу, на Брашнаров и на многу други не нè обврзува да продолжиме по тие идеи и заложби.

Токму тоа историско искуство и историско паметење, верувам кај сите нас влева оптимизам и сигурност дека и оваа битка која ја водиме со преговори, ќе резултира со решение кое нема да задира во нашиот национален идентитет и ќе овозможи наша целосна интеграција во европското семејство, на кое македонскиот народ и сите граѓани на Република Македонија културно и цивилизациски припаѓаме.

Република Македонија денеска е препознатлив субјект на меѓународната политичка сцена. Како суверена и самостојна држава членка на Обединетите нации, членка на Советот на Европа и на многу други меѓународни институции ние многу активно ги исполнуваме своите обврски и даваме препознатлив придонес во надминување на сите оние предизвици и закани на светскиот мир. Од борбата против организираниот криминал, шверцот на наркотици, трговијата со луѓе, па сè до активното учество на припадниците на нашата армија во мировните мисии во Авганистан, пред тоа во Ирак и така натаму.  Посебно внимание посветуваме на односите во регионот создавајќи услови за остварување на неговата европска иднина.

Почитувани граѓани,

Република Македонија е унитарна држава на  македонскиот народ, а во исто време татковина на сите нејзини граѓани. Како мултикултурно и мултиконфесионално општество создаваме услови во кои секој граѓанин без разлика дали тој е Македонец, Албанец, Ром, Турчин, Србин, Влав, Бошњак, Евреин или припаѓа на некоја друга етничка заедница, Република Македонија да ја чувствува како своја татковина во која од една страна ќе ги ужива сите оние општи човекови права и слободи, а во исто време ќе може да го зачува, да го развива и манифестира својот етнички, културен или јазичен идентитет. На ова не обврзува Уставот на Република Македонија, поточно уставните амандмани преточени од Охридскиот рамковен договор, но исто толку нè обврзуваат и европските стандарди и други документи, пред сè, на Советот на Европа, најстарата европска организација во која токму во овој период Македонија претседава со Советот на министри. Истовремено, европските стандарди, Уставот и законите нè обврзуваат како поедници, или како припадници на одредени етнички заедници, да се однесуваме како лојални граѓани. Лојалност која не подразбира послушност туку, пред сè, почитување на законите. 

Почитувани сограѓани,

Парламентарната демократија не е некаков идеален политички и општествен модел, но барем сега засега, нема подобар. Во Република Македонија пред деветнаесет години, за прв пат, ја воведовме парламентарната демократија, односно станавме демократска и парламентарна  држава, за разлика од многу држави во Европа каде што парламентаризмот се мери со векови. Сепак ако човек кој наполнил 18 години се смета за полнолетен и целосно одговорен за своето однесување се прашувам дали ние како општество, како политички субјекти, сме ги надминале оние детски болести на парламентаризмот, па веќе сме влегле во полнолетство. Неспорно е дека во изминатиот период се направени големи чекори во освојувањето на принципите на парламентарната демократија. Само да потсетам на позитивниот минатогодишен извештај на Европската комисија во кој посебно се истакнува улогата на Собранието, а токму во парламентот се практикува демократијата, а не на улица.

Во оваа пригода, исто така сакам да ја истакнам и големата помош на Советот на Европа, на ОБСЕ, на европските институции и на други наши меѓународни пријатели кои навистина, во сите овие години, ни помагаа во развојот на парламентарната демократија кај нас.  

Парламентарната демократија не подразбира некаква неограничена слобода и апсурдни права, туку одговорност за своите потези сфатено во еден поширок општествен и државен контекст. Владејачкото мнозинство мора да биде одговорно и да создаде услови политичката опозиција секогаш да може слободно и транспарентно да ги артикулира своите политички ставови, своите аргументи, бидејќи зад нив стојат граѓани. Секако мора да покаже и отвореност за аргументите на опозицијата. Но владејачкото мнозинство, без разлика на која политичка опција му припаѓа, е должно да ја оствари својата програма, бидејќи токму со таа програма од граѓаните ја добило довербата и овој факт опозицијата мора да го почитува. Тоа се оние темелни принципи на парламентарната демократија врз кои функционираат  државите во Европа и врз кои се одвива политичкиот дијалог, како политички натпревар или, ако сакате, борба меѓу политичките партии. Времето кога општествените состојби се менуваа со револуционерни методи и со нив се освојуваше власта одамна е надминат, како што е неприфатлив и политичкиот радикализам, барем во Европа.

Граѓаните се единствениот субјект кој на парламентарните избори ќе одлучат чии аргументи и програми се за нив добри и обезбедуваат квалитетна сегашност, но и јасна иднина. 

Дами и господа,
почитувани пријатели,

Со Референдумот на 8 септември 1991 година на кој над 95 проценти од граѓаните на Република Македонија се определија за самостојна и независна држава се заокружи државнотворниот стремеж и определбата за сопствена држава, втемелена на двата Илиндена. Со ова е направен првиот чекор кон евроатлантските интеграции како стратешка определба.

Евроатлантските интеграции, односно членство во ЕУ и НАТО, посебно за државите кои излеговме од еднопартискиот систем, пред сè налагаат многу темелни реформи во сите сфери и хармонизација со европското законодавство. Нема да зборувам за тоа кој колку направил, туку сакам да го истакнам фактот дека Република Македонија уште на Самитот на НАТО во Букурешт требаше да добие статус на полноправна членка, а да потсетам  лани од страна на Европската комисија добивме препорака за добивање на датум за започнување на преговорите со Европската унија.

Ние денеска не сме членка на НАТО, немаме датум за преговори само заради еден апсурден спор наметнат од нашиот јужен сосед, а тоа е нашето уставно име. Спор кој според Резолуцијата на Обединетите нации не смееше да ги блокира нашите евроатлантски интегративни определби. Токму затоа и како држава прифативме преговори во рамките на Обединетите нации за изнаоѓање на решение на овој апсурден спор. Исто така, на ниво на држава имаме политички консензус дека компромисното решение не смее да задира во националниот, културниот и јазичниот идентитет на македонскиот народ.

Почитувани,

Во последно време токму дома спорот со името, и самиот процес на преговори, стана алатка на некои политички субјекти за добивање на дневно-политички поени.

Како поинаку да се разберат изјавите дека оваа Влада и ова парламентарно мнозинство не сакаат да го решат ова прашање, бидејќи се плашат од европското законодавство и стандарди. И навистина, се прашувам како тоа Европската комисија препорача за прв пат добивање на датум, ако оваа Влада и ова парламентарно мнозинство не направи многу реформи и не донесе стотици закони кои популарно ги именуваме закони со европското знаме.  За жал, ваквите дневно-политички ставови не завршуваат само на домашната сцена, туку се префрлаат и во Брисел, односно на меѓународната сцена. Е па тогаш да не нè изненадува кога нашите европски пријатели јавно нè предупредуваат дека во Брисел се настапува едногласно и во корист на државата, а не за оваа или онаа политичка опција или партија.

Јас нe сметам дека едни се патриоти а други не, туку мислам дека кај некои, за жал, го нема она чувство за државнотворност за сопствената држава како што го имаа илинденците од 1903 година, или како што го имаа оние од вториот Илинден, како што го имаше Ченто.

Многу полесно е да се има негативен став. Многу полесно е да се манипулира со економската и социјалната положба отколку да имате аргументирана и конструктивна критика до сработеното или изграденото. А од друга страна и меѓународните финансиски институции ни признаваат дека економската политика на оваа Влада дава добри резултати и дека за разлика од многу поразвиени држави светската економска криза кај нас не предизвика такви тектонски последици како што се случија во многу држави, па и во нашето соседство.

Затоа денеска кога го одбележуваме 8 Септемри сакам да апелирам до сите политички субјекти, во остварувањето на нашите евроатлантски интеграции во процесот на преговорите за решавање на проблемот со името, да покажат многу повеќе единство. Сакам да апелирам и до сите државни институции и администрацијата многу поефикасно и пред сè во корист на граѓаните да ги извршуваат своите работни задачи.

Верувам дека многу од нас ја знаат онаа позната мисла на американскиот претседател Џон Кенеди изречена во неговиот инагурациски говор дека не треба постојано да прашуваме што државата направила за нас, туку треба да се прашаме што ние сме направиле за државата. А верувајте сите ние во нашето секојдневно живеење можеме многу да направиме и за себе, и за државата.

Само така ќе можеме во еден разумен рок да ги решиме отворените прашања и само така можеме многу побрзо да го заокружиме процесот на нашите евроатлантски интеграции.

Верувам дека како држава, како граѓани имаме капацитет тоа да го сториме. Ние сите кои живееме овде сме дел од Европа на која, не само географски, туку цивилизациски припаѓаме и сме дале свој придонес во историскиот и културниот  развој на Европа.

Европска Македонија почитувани пријатели им ја должиме на нашите предци, но многу повеќе на идните генерации.

Нека ни е честит 8 Септември!

Ви благодарам за вниманието

Click