Собраниско раководство



Вторник, 8 март 2011 година

Обраќање на претседателот Вељаноски на отворањето на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија

Почитуван Претседател на Република Македонија,
Почитуван Претседател на Владата на Република Македонија,
Почитувани членови на Македонската академија на науките и уметностите,
Почитувани пратеници,
Почитувани министри,
Ваше Блаженство Архиепископе Охридски и Македонски г.г. Стефан,
Почитувани претставници на Еврејската заедница во Република Македонија,
Екселенции, дами и господа,

Денешнава манифестација јас ја доживувувам како дел од комеморативните активности посветени на холокаустот и сеќавањето за 7.144 наши сограѓани Евреи, кои во 1943 беа депортирани во логорот на смртта Треблинка. Меѓу нив, околу половината биле деца и малолетници до 18-годишна возраст. Нивната судбина беше страшна, над 98 проценти од депортираните беа ликвидирани во овој нацистички логор. Со отворањето на Меморијалниот центар посветен на холокаустот на македонските Евреи, како граѓани и како држава, ја изразуваме нашата длабока почит кон нашите сограѓани кои брутално беа ликвидирани, а во исто време правиме значаен цивилизациски чекор кон една од основните вредности на човештвото, а тоа е толеранцијата, соживотот и почитувањето на националните верските и сите други разлики.

Дами и господа,

За време на Втората светска војна, во нацистичките логори беа ликвидирани над 6 милиони мажи, жени, деца, старци, и тоа само затоа што беа Евреи. Пред бога, кој е еден, без разлика на која религија и вера припаѓаме, сите сме божји деца и сите сме исти и еднакви. Затоа, постојано треба да се прашуваме зошто 7.144 македонски Евреи брутално беа ликвидирани во Треблинка, зошто се случи холокаустот.

Навистина по Втората светска војна на познатиот Нирнбершки процес холокаустот и неговите носители беа правно и политички осудени. За жал, во овие 66 години од формалниот крај на холокаустот, сведоци сме на нетрпеливост, на војни, тероризам, кои се оправдуваат во името на заштитата на својата нација, идеологија или вера. Зарем ако имаше вистинска толеранција и почитување на другиот различниот, ако имаше вистинска желба за дијалог ќе се случеа оние трагични настани страдања и убивање на просторот на некогашна СФРЈ, кои сега добиваат правна разврска на судот во Хаг. Обврска на сите нас, без разлика на националната или верската припадност, е да не дозволиме да се заборави или да се прекројува и избрише историското паметење за холокаустот. Уште поважно е да не дозволиме да се создадат било какви услови за повторување на стравот и ужасот кои ги носеше холокаустот, без разлика против кого се  насочени, бидејќи токму тоа е најголемото зло во човековата историја.

Дами и господа,

Евреите во Македонија доаѓаат во 15 век, по нивното протерување од Шпанија. Тоа што е карактеристично, а историјата како и другите научни дисциплини тоа го потврдуваат, е дека локалното население ги прифаќа, а и тие многу активно се вклучуваат во економскиот, социјалниот и културниот живот, истовремено зачувувајќи го и развивајќи го својот национален, верски и културен идентитет. За жал, тоа заедништво и таа симбиоза беше насилно прекината со нивното депортирање и ликвидација во Треблинка.

Денес во Македонија, претежно во Скопје, живее навистина мала еврејска заедница, која со своите активности на сите полиња е многу препознатлива и дава придонес во целокупниот општествено економски и културен развој на државата. Република Македонија со Законот за денационализација го врати целокупниот имот на еврејската заедница која го поседуваше пред Втората светска војна, како и имотите на нашите сограѓани Евреи ликвидирани во Треблинка, кои немаат правни наследници.

Ова беше основа за формирање на Фондот на Холокаустот, а резултат на сето ова е подигањето на Меморијалниот центар, кој официјално ќе биде отворен задутре. Со својата локација, од една страна се граничи со православна црква, а веднаш наспроти неа и со објект со муслиманска архитектура, Меморијалниот центар на симболичен начин ја манифестира верската, националната и културната толерантност и определбата за соживот како на македонскиот народ, така и на сите други етнички заедници во Република Македонија.

Верувам дека овој Меморијален центар посветен на холокаустот на Евреите од Македонија, кој е единствен не само во регионот, туку и пошироко, со својата програмска активност ќе даде голем придонес во развивањето и продлабочувањето на толеранцијата, на дијалогот како основна и единствена алатка за подобро запознавање меѓу различни етнички верски и културно заедници. Ќе даде голем придонес и во развивањето во градење на вистинско отворено, демократско и толерантно општество.  А тие вредности ни се потребни на сите нас кои живееме овде потребни му се на регионот, но и на Европа и целиот свет.

Дами и господа почитувани пријатели,

Неодамна бев во официјална посета на Државата Израел на покана од мојот уважен колега, претседател на Кнесетот, господин Реувен Ривлин. Во разговорите со него како и со претседателот на Државата Израел, господин Шимон Перес и со други највисоки државни претставници, јас и сите членови на делегацијата, можевме навистина да го почувствувавме искреното пријателство, но и почитта кон Република Македонија, кон нејзините граѓани и кон сето она што како држава го правиме за градење на вистински соживот, за градење на мир и стабилност, како во регионот, така и пошироко. Верувам дека и во иднина односите меѓу нашите две пријателски држави, меѓу македонскиот и израелскиот народ, и воопшто меѓу сите граѓани на двете држави, ќе се продлабочуваат во заемна корист, а во исто време тоа ќе значи и давање придонес за поголема толеранција, дијалог и мир во светот.

Ви благодарам.

Click