Собраниско раководство



Вторник, 5 април 2011 година, Брисел

Обраќање на претседателот Вељаноски на вториот ден од Конференцијата на претседатели на парламенти од ЕУ

Почитуван претседавач,

Дами и господа,

Сведоци сме на економска криза од историски размери, која се појави и рашири со голема брзина, во секоја држава - некаде помалку, некаде повеќе. Неспорен факт е нејзината присутност, како и негативниот и поразителен резултат кој го носи со себе, неспорна е нашата свесност за состојбите, но во исто време и нашата обврска за безрезервно и посветено изнаоѓање на излез од состојбата на криза. Наша одговорност е да ги неутрализираме или во најмала рака да ги намалиме негативните последици од кризата врз животот на граѓаните и целокупното општествено живеење. Нејзините последици ја имаат и индивидуалната, но и, неизбежно, глобалната димензија. Токму такво, треба да биде и делувањето и начинот на справување со неа.

Ако зборуваме за сериозен и посветен пристап, без двоумење би го споделил начинот на кој Република Македонија се соочи со ударот кој на македонската економија и го нанесе светската економска криза. Владата на Република Македонија успеа да ги ублажи последиците со четири пакети антикризни мерки, како резултат на што Република Македонија имаше пад на економијата за само 0,6-0,8 проценти, што пак овозможи да бидеме трети во Европа со најдобар резултат, а во исто време имавме буџетски дефицит многу понизок од дефицитот на европските држави. Во извештаите на ММФ беше констатирано дека од сите земји од Југоисточна Европа, Македонија најдобро се снајде, што го потврдува и фактот дека и во најголема економска криза не се намалија платите и пензиите, ниту пак имаше отпуштања на вработени во јавниот сектор.

Мерките од првиот пакет беа насочени кон претпријатијата со нарушена ликвидност и наталожени проблеми од минатото, но и кон фирмите коишто добро работат, преку олеснување кај данокот на добивка, намалените царини и социјални придонеси, намалените даноци за земјоделците. Благодарение на овие мерки, се спречи пропаѓањето на голем број стопански субјекти и останувањето без работа на илјадници работници.

Следеа мерки од вториот пакет, кој предвидува осумгодишна програма за реализација на инфраструктурни проекти, во патната и железничката инфраструктура, енергетскиот сектор, станбената изградба, животната средина, спортската инфраструктура и други капитални проекти.

Третиот и четвртиот пакет се состојат од 94 мерки кои се однесуват на даночна политика, кредитна политика, земјишна политика, имотно-правни прашања, земјоделство, градежништво, социјална политика, како и мерки во областа на регулаторната гилотина.

Парламентот на Република Македонија активно беше вклучен во процесот на дополнување на регулативата потребна за спроведувањето на сите овие мерки, преку ефикасна и плодна парламентарна дебата.

Успешноста на антикризните мерки, се должи и на сериозен и континуиран дијалог со бизнис-секторот, стопанствениците, банкарите, економските експерти и другите засегнати страни, како и на подготвеноста и отвореноста за размислувањата и предлозите за нови мерки кои би придонеле во соочувањето со последиците од кризата кои сè уште се присутни.

Проекциите за 2011 година се базираат главно на очекувањата за забрзување на економскиот раст во Европска унија, како наш најзначаен трговски партнер. Воедно, се очекува растот на македонската економија да биде поддржан и од домашните политики: од високиот пораст на капиталните инвестиции кој ќе даде силна поддршка на индустријата, градежништвото и услугите. Истовремено, координираното намалување на каматните стапки и зголемената ликвидност на банките се очекува да резултираат во повисок пораст на кредитната активност на банките, како еден од генераторите на растот на приватниот сектор. 

За Република Македонија главен приоритет и понатаму останува успешното завршување на процесот на интеграција во ЕУ и постепено достигнување на националниот доход на Европската унија, на начин што е фискално и социјално одржлив. За таа цел, Република Македонија работи на целосно исполнување на критериумите за членство во Европската унија. Секако, особено внимание се посветува на исполнувањето на економските критериуми, со цел интегрирање на македонската бизнис-заедница во единствениот европски пазар, како наш најзначаен партнер.

Во оваа смисла, се надевам дека мерките и моделите кои во одделни држави се покажале како успешни и корисни, ќе бидат споделени за заздравување на националните економии, но и за постигнување на очекуваните цели на глобално ниво. Притоа, верувам дека мерките кои Европската комисија ги посветува на стабилноста на еврото и еврозоната ќе обезбедат стабилност на долг рок и навремено ќе бидат детектирани неефикасните и штетни чинители во европската економија, со што ќе се одбегне повторување на штетните последици и грешки од минатото.

Почитувани,

Унијата се потпира на заемна доверба, а свесното и повеќегодишно давање погрешни информации го поткопуваат самиот темел на Унијата.

Благодарам.

Click