Собраниско раководство



Петок, 1 април 2011 година

Обраќање на претседателот Вељаноски на одбележувањето на 60 години од основањето на Државниот архив на Република Македонија

Почитувани министри, колеги пратеници,
Почитуван претседател на Македонската академија на науките и уметноста,
Почитувани претставници на верските заедници во Република Македонија,
Дами и господа,

Почитуван директор на Државниот архив на Република Македонија, би сакал на почетокот на Вас, на сите вработени во оваа значајна институција, како и на претходните генерации вработени, да Ви го честитам високото одликување Орден за заслуги за Македонија, со кој по повод вашиот јубилеј и постигнати резултати, ве одликува претседателот на државата, господин Ѓорге Иванов.

Пред  шеесет години, поточно во јануари 1951 година, тогашното Собрание на Македонија, го носи законот за формирање на Државниот архив, а веќе на 1 април истата година Архивот ја започнува својата работа. Во овие шеесет години на своето работење, тој се афирмира и се потврди како значаен столб на македонскиот идентитет, самобитност и државност, односно стана неодминлива институција и извор за минатото на македонската нација, како и на албанската, турската, влашката, српската и ромската етничка заедница.

Развојот на архивската дејност во Македонија е во непосредна врска со историјата на Македонија и на македонскиот народ. Многу значајна улога во сето ова имаат светите браќа Кирил и Методиј, а посебно нивните ученици и следбеници Свети Климент и Свети Наум чудотворецот.

Имајќи ја предвид бурната историја на македонскиот народ, почнувајќи од византискиот период, преку времето на Отоманската империја, балканските војни, Првата и Втората светска војна, многу архивски материјали, едноставно, се присвоени од други држави, од нашите непосредни соседи, па до Франција, Турција, Австрија, Велика Британија и така натаму. Благодарејќи, пред сè, на истражувачка дејност на Државниот архив на Република Македонија, голем дел од таа граѓа е истражена. Секако тука е и процесот на правното наследство на некогашна СФРЈ, при што токму архивските материјали имаат посебно место.

Ако ги погледнеме само квантитативните показатели со кои денеска располага Државниот архив, 1.486 архивски фондови и 28 збирки, потоа 7 милиони и 300 илјади микроснимки и 130 илјади микрофили, зборува за обемот, но и значењето на архивската граѓа во Република Македонија. Само да споменам дека најстар архивски документ е Евангелието на Свети апостол Лука, кое датира од дванаесеттиот век.

Посебно значајни се архивските документи од времето на почетокот на борбата за слобoда од османлиската власт. Ќе ги  споменам оригиналните документи од Солунскиот конгрес, Уставот на ТМРО од 1896 година, чии автори се Гоце Делчев и Ѓорче Петров, потоа  повикот за почетокот на Илинденското востание и други. Секако, посебно важни се документите од Народноослободителната борба, потоа АСНОМ, каде што се поставени темелите на македонската државотворност, и така натаму.  Во него денеска се архивирани и документи од почетокот на осамостојувањето на Република Македонија, ќе ја споменам Декларацијата за сувереност на Република Македонија донесена на 25 јануари 1991 година и многу други. Споменав само неколку кои го потврдуваат фактот дека Државниот архив на Република Македонија е еден од столбовите на државотворноста и самобитноста на македонскиот народ.

Дами и господа,

Државниот архив на Република Македонија денеска има статус на државен орган и дејствува како единствена управна организација на територијата на целата држава. Функционално организиран во девет подрачни одделенија Скопје, Битола, Тетово, Охрид, Велес Штип, Струмица, Прилеп и Куманово, а своето работење и дејствување го темели врз Законот за архивската граѓа, донесен во 1990 година, кој потоа е изменет и дополнет во 1995 на иницијатива на Архивот. Така, денес имаме заокружен нормативен систем кој ја уредува оваа проблематика.

Кога сме кај законските решенија, сакам да истакнам дека со тоа што достапноста на архивската граѓа кај нас е поместена на 20 години по нејзиното создавање, Република Македонија се вбројува меѓу полибералните држави.

Од 1992 година, Државниот архив на Република Македонија е член на Меѓународниот архивски совет ИЦА, кој е кровна меѓународна организација, а исто така има развиено и интензивна билатерална научна соработка со многу архиви од соседството и пошироко. Ова е многу значајно, како за нас, во смисла да се проучат оние документи кои како што реков се однесени, а во исто време, ова е и своевидна промоција на Република Македонија, не само во научните кругови во сферата на архиварството, туку и пошироко.

Убеден сум дека и во иднина оваа меѓународна соработка и активност ќе ги продолжите, имајќи предвид два аспекта. Првиот е научно-истражувачката дејност, нејзиниот развој и следење на научните достигнувања на вашето поле. Вториот произлегува од фактот дека како држава се определивме за евроатлантските интеграции, што значи и дека на полето на архиварството ќе се отвораат нови задачи и нови перспективи.

Почитувани,

Архиварството, како секоја друга научна дејност, се темели на знаење кое се стекнува пред сè на високообразовните институции. Тоа што долги години кај нас го немаше, токму на иницијатива на Државниот архив, е надминато и сега во рамките на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ имаме додипломски и постдипломски студии. Во тие рамки, секако е и издавачката дејност, која во изминативе шеесет години, ако не грешам, брои над 200 најразлични научни публикации и  едиции, што навистина е за почитување.

Тоа што посебно сакам да го истакнам, е дека Државниот архив на Република Македонија, како државен орган, има значајна улога и во секојдневниот живот на граѓаните, во решавање на многу прашања, од имотно-правни работи, работен стаж, денационализација, и така натаму.

На крајот, дозволете ми на сите вработени во Државниот архив на Република Македонија уште еднаш да им го честитам овој значаен јубилеј и да им посакам успех на сите полиња од нивното работење.

Ви благодарам.

Click