Собраниско раководство



Петок, 26 октомври 2012 година

Претседателот Вељаноски оствари средба со претседателот на Република Србија, г. Томислав Николиќ

Оценувајќи ги односите меѓу двете држави како многу добри, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, истакна дека тие се во постојан подем и постои зaемен интерес за нивно развивање и надградување во духот на добрососедски односи на сите нивоа и на сите полиња. Тоа не само што е во интерес на двете држави и на нашите граѓани, туку дава голем придонес во стабилноста на регионот и неговата евроатлантска перспектива.

Потсетувајќи дека Република Македонија по четврти пат добива препорака од Европската комисија и дека очекуваме во декември да добиеме датум за отпочнување на преговорите, претседателот Вељаноски истакна дека Република Македонија ја поздравува одлуката на Европската комисија со која на Република Србија ѝ се додели статус на држава-кандидат.

„Ние сме подготвени со вас да ги споделиме нашите искуства во овие интегративни процеси, имајќи предвид дека парламентите имаат клучна улога во реформите. Се надевам дека вие нема така долго да чекате датум за преговори, причините се познати - нашето уставно име, а со тоа и нашиот национален и културен идентитет“, истакна претседателот Вељаноски.

Претседателот Вељаноски се осврна и на парламентарната соработка, која е континуирана и на сите нивоа, што секако дава придонес во вкупните билатерални односи.

„Посебен придонес во нашите билатерални односи имаат и нашите малцинства, а нивната положба е дефинирана со соодветна правна регулатива. Сакам да потсетам дека српската етничка заедница има свои претставници во македонското Собрание, а ме радува фактот дека сега и во Скупштината на Србија, седи и претставник на македонската етничка зедница“, додаде претседателот Вељаноски.

Претседателот на Република Србија, г. Томислав Николиќ, изразувајќи задоволство од посетата, посебно истакна дека тој, како долгогодишен пратеник, посебно ја почитува улогата на парламентите, бидејќи токму тука се артикулираат интересите на граѓаните.

„Во исто време, сакам да истакнам дека ги почитувам и ценам вашите определби дека никој не може да го негира вашиот национален, културен и јазичен идентитет. Меѓу нашите држави нема отворени прашања и затоа убеден сум дека можеме многу да работиме во корист на двете држави и на целиот регион. Што се однесува до прашањето на односите меѓу Српската православна црква и Македонската православна црква, јас сум убеден дека тие можат брзо да се решат“, истакна претседателот Николиќ.  

Click