Собраниско раководство



Среда, 17 октомври 2012 година
 
Претседателот Вељаноски оствари средба со претседателот на парламентот на Унгарија, д-р Ласло Ковер
 

Пред почетокот на официјалните разговори, претседателот на Унгарскиот парламент, д-р Ласло Ковер, придружуван од претседателот на Собранието на Република Македонија г. Трајко Вељаноски, положи венец на Споменикот на паднатите херои за Македонија.

Во разговорите и двете страни ги истакнаа високо развиените пријателски односи меѓу двете држави, каде голем придонес има парламентарната соработка.

Во тие рамки, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, потсети дека парламентарната соработка која се темели врз Меморандумот за соработка меѓу парламентите потпишан во 2008 година, за време на неговата официјална посета на Унгарија, не завршува само на највисоко ниво, туку опфаќа и соработка на ниво на пратенички групи, комисии и други парламентарни структури. Зборувајќи за нашите евроинтегративни процеси претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски, потсети дека Македонија по четврти пат добива препорака за започнување на преговорите.

„Се надевам дека во декември ќе го добиеме датумот за започнување на преговорите, а исто така убеден сум дека Унгарија, која и досега, не само декларативно, туку многу конкретно, ја поддржуваше Република Македонија во процесите на интеграција во ЕУ и НАТО, тоа ќе го  стори  и во декември. Токму затоа, сакам да истакнам дека Унгарија, ние ја доживувавме како наш вистински пријател и држава која вложува многу во нашето интегрирање, како и интеграција на целиот регион“, истакна претседателот, г. Трајко Вељаноски.

Претседателот на парламентот на Унгарија, д-р Ласло Ковер, изразувајќи благодарност за срдечниот прием, истакна дека Унгарија и понатаму ќе ја поддржува Република Македонија во евроатлантските интеграции.

„Оваа поддршка не зависи од моменталната политичка состојба, туку верувајте ингерирањето на Македонија, како и земјите од регионот, е наш национален интерес. Токму затоа, на состанокот на Министерскиот совет во декември, ние во целост ќе го поддржиме извештајот на Европската комисија и предлогот за добивање на датум за започнување на преговорите. Верувајте дека ние со нетрпение очекуваме Македонија да стане полноправна членка на ЕУ, бидејќи со тоа добиваме уште еден сојузник во решавањето на многу прашања со кои се среќава Европската унија“, истакна д-р Ласло Ковер, претседател на парламентот на Унгарија. 

Click