Собраниско раководство

Понеделник, 12 ноември 2012 година

Обраќање на претседателот Вељаноски по повод 10-годишнината од формирањето на Државната комисија за спречување на корупцијата

Почитуван претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата,
Почитуван амбасадор на Европската унија, господин Аиво Орав,
Почитуван амбасадор на ОБСЕ, господин Ралф Брет,
Почитувани дами и господа,

Ми причинува големо задоволство да присуствувам на одбележувањето на овој значаен јубилеј - десет години од формирањето и работењето на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Корупцијата како општествено зло е стара колку и човековата цивилизација, била присутна и сè уште е присутна во сите општествени уредувања и во сите држави. Како таква, корупцијата е присутна во сите сфери на општествените активности, односно, како што ја дефинира политикологот Харолд Ласвел - корупцијата е злоупотреба на општиот интерес во лична корист.

Последиците од корупцијата се повеќекратни. Политички, го нарушува основниот однос на довербата помеѓу политичарите и граѓаните, а во исто време го руши кредибилитетот на демократските институции.

Економските последици се гледаат во тоа што ги руши пазарните законитости, ја спречува сигурноста на инвестициите и рационално и транспарентно трошење на народните пари.

Не треба да се занемарат ниту социјалните последици од корупцијата, од причина што таа најчесто ги погодува најранливите општествени групи, ја зголемува и продлабочува нееднаквоста помеѓу граѓаните во секојдневниот живот и кај граѓаните создава чувство на несигурност и незадоволство.

Сублимирано, таму каде што преовладува корупцијата, нема владеење на правото и не функционира правната држава.

Дами и господа,

Токму во функција на владеењето на правото и јакнењето на институционалната борба против корупцијата, но и во насока на спречување на судирот на интереси што најчесто претставува влез во коруптивните зделки, пред десет години, врз основа на усвоените закони во Собранието на Република Македонија, формирана е Државната комисија за спречување на корупцијата.

Комисијата претставува независна и самостојна специјализирана институција, која, би рекол, е стожер во борбата против корупцијата. Успешноста во борбата против ова општествено зло, налага активности и одговорност на многу други институции, од извршната власт, судската, законодавната, а секако и на невладиниот сектор и на секој граѓанин како поединец.

Дозволете да потсетам дека наша стратешка цел е членството во Европската унија и НАТО, и токму Собранието на Република Македонија има ратификувано повеќе меѓународни конвенции кои се однесуваат на борбата против организираниот криминал и корупцијата. Денеска имаме цел сет на закони кои се во функција на борбата против корупцијата и спречувањето на судир на интереси. 

Ако ги погледнеме извештаите за напредокот на Република Македонија, како на Европската унија, така и на Советот на Европа, многу јасно се нотира дека нашата држава многу добро и квалитетно го има уредено нормативниот дел во борбата против корупцијата и препречување на судирот на интереси.

Исто така, бележиме и позитивен тренд во рангирањето на листите на меѓународните организации кои ја следат борбата и резултатите од неа против корупцијата. Не треба да бегаме и од забелешките и препораките за поефикасна имплементација на донесените законски решенија и секако соодветен надзор врз сите субјекти кои се одговорни во процесот на спроведувањето на овие закони.

Почитувани,

Неоспорлив е фактот дека една од најзначајните активности кои Комисијата успешно ги остварува преку најразлични форми, е подигање на свеста кај граѓаните, а со тоа и на општеството во целост, какво зло е корупцијата и како треба со неа да се справуваме.

За жал, ова општествено зло никаде не е елиминирано во целост, но токму овој факт, треба да биде поттик за Комисијата и за сите институции кои на кој било начин се вклучени во тој процес, поинтензивно и одговорно да ја продолжат борбата против корупцијата и препречувањето на судирот на интереси.

Како претседател на Собранието на Република Македонија, денеска, кога го одбележуваме десетгодишниот јубилеј, сакам да истакнам дека Парламентот секогаш ќе биде отворен за сите предлози кои се однесуваат на ефикасноста во борбата против корупцијата. 

Дами и господа,

Државната комисија за спречување на корупцијата, токму според карактерот на своето работење, честопати е присутна во јавноста преку медиумите, и тоа е добро, но никако не смее работата на Комисијата и резултатите од неа, да бидат тема на дневно политички игри и критики.

Верувам сите ќе се сложиме дека конструктивни критики и конструктивни предлози секогаш се потребни, особено во зголемувањето на ефикасноста на работењето, без оглед за која институција станува збор.

Државната комисија за спречување на корупцијата во овие десет години покажа отвореност таквите забелешки и препораки да ги прифати и вгради во своето работење. Ова особено се воочува како во перманентната соработка со другите институции, така и во односот со невладиниот сектор.

Би сакал на крајот уште еднаш да го честитам десетгодишниот јубилеј со уверување дека Државната комисија за спречување на корупцијата и понатаму ќе продолжи одговорно и ефикасно да се справува со корупцијата. Тоа е единствениот начин да се даде придонес во функционирањето на правната држава и владеењето на правото, а со тоа и јакнењето на вкупните демократски односи во државата и во остварувањето на нашите стратешки определби.

Благодарам.
Click