Собраниско раководство



Вторник, 8 октомври 2013 година, Будимпешта, Унгарија

ОБРАЌАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ НА ШЕСТАТА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ПРЕТСЕДАТЕЛИ НА ПАРЛАМЕНТИ ОД ЗЕМЈИТЕ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН НА ТЕМА „ЕУ ИНТЕГРАЦИЈА: РЕЗУЛТАТИ И АСПИРАЦИИ“

Почитувани колеги,
Дами и господа,
Екселенции,

Дозволете ми, најпрво, да изразам благодарност до претседателот на Националното собрание на Унгарија, г. Ласло Ковер, за организацијата на Шестата конференција и за гостопримството на кое наидовме на оваа и на претходните конференции.

Почитувани,

Обраќајќи се на темата која ја имаме во првата сесија, неизбежно е да го споменеме и споделиме постигнатото, очекувањата, но и потешкотиите, па и разочарувањата на кои наидуваме во настојувањето да станеме дел од европското семејство. Република Македонија, како и државите од нејзиното непосредно соседство, високо на агендата на стратешки определби го има евроинтегративниот процес и тоа од моментот на нејзиното осамостојување во 1991 година. Стратешката определба за основа го има географското, историското, но и цивилизациското припаѓање на нашата државата на Европа, како и силната заложба да ги споделува вредностите на Европската унија за почитување на човековите права, за слободата и достоинството, за еднаквоста, демократијата, владеењето на правото.

Така поставените определби и заложби повлекуваат силна посветеност на државата во насока на спроведувањето на потребните реформи и мерки, хармонизација со европското право, реализирање на активности и одлуки потребни за исполнување на критериумите за членство во Европската унија.

Сите овие години Република Македонија останува силно посветена на постигнувањето на европските стандарди и подигањето на конкурентската моќ на нашата држава, но и покрај потврдите за сработеното и постигнатото, Република Македонија веќе 8 години е кандидат, 4 години добива позитивен Извештај за напредок од Европската комисија и препорака за отпочнување на преговорите за членство, но не и датум за почеток на преговорите. Поради условувањето на нашиот јужен сосед, Грција, во Советот на Унијата не може да се постигне консензус за усвојување на одлука за почеток на преговори со Република Македонија. Со наметнатиот спор за името од страна на нашиот јужен сосед се попречува отпочнувањето на преговорите со Унијата. Билатералниот спор, кој нема никаква поткрепа, ниту оправданост во меѓународното право, ултимативно стои пред напредокот на земјата и пред исчекорувањето во евроатлантскиот интегративен процес.

И покрај сè, и покрај сите потешкотии и апсурди кои се испречуваат на патот на интеграцијата на Република Македонија, стоиме силно посветени на заложбите и определбите, непоколебливо настојуваме да се изнајде решение за наметнатиот спор. Ние активно и конструктивно учествуваме во преговорите со посредништво на Обединетите нации, но и настојуваме да седнеме на заедничка маса со јужниот сосед за да дојдеме до заемно прифатливо решение.

Потребно е максимално рационално да се постапува, за проблемите и спорните прашања да се изнаоѓаат решенија, потешкотиите да се надминуваат, но никако да се тапка во место, да се бега од дијалог.

Многу тешко и напорно е во едни вакви услови и околности да се одржи поддршката на јавноста за членство во Унијата, да се одржи висок процент на поддршка од граѓаните за опстојување на евроинтегративниот пат. Но, без оглед на околностите, Република Македонија испорачува конкретни и видливи резултати во клучни реформски области кои ќе го подобрат секојдневието на граѓаните, кои ќе го унапредат начинот на нивното живеење.

Реформите се остваруваат за да се задоволат поставените критериуми, кои пред сè се исполнуваат за добробит на граѓаните. Реформите ќе бидат толку успешни, колку полезност од нив ќе почувствуваат токму граѓаните. Токму тоа е и останува да биде мотив за нашите заложби, за работењето и вложувањето. Како политичари сме одговорни и имаме обврска на нашите држави да им овозможиме напредок, на граѓаните подобар живот.

Во исто време остануваме оптимално посветени на остварувањето на многу темелни реформи, во многу области имаме постигнато значајни резултати, направено значителен исчекор во усвојувањето и имплементацијата на европските стандарди со подготвеност искуствата да ги споделиме со државите во регионот.

Република Македонија посветува особено внимание на односите и соработката со земјите од соседството и токму тие остануваат да бидат еден од основните столбови на нејзината надворешна политика. Одржувањето на добро изградените релации, континуитетот со кој се пристапува кон сè поголемо интензивирање на соработката во областите кои се од заемен интерес, се показател за добронамерноста и пријателскиот однос на Република Македонија кон соседите.

Добрососедството, пријателството, засновани на принципите на почитување на територијалниот суверенитет и интегритет на сите држави од регионот резултираат со постојано унапредување на односите како на билатерален, така и на мултилатерален план во сите области и на сите нивоа. Тоа на евидентен начин го потврдивме во текот на едногодишното претседателство со Процесот за соработка на Југоисточна Европа. На Десеттата конференција на претседателите на парламентите во Охрид, на 28 мај годинава, усвоивме Заедничка изјава за трансформација на парламентарната димензија на соработка во постојан парламентарен форум. Со тоа треба да се засили дијалогот и соработката за прашањата од особен интерес на земјите од Југоисточна Европа и нејзините граѓани, а неговото делување ќе биде остварувано во синергија со регионалните и меѓународни партнери.

Веруваме во оправданоста и исправноста на сè што подразбира заедничко делување и настапување во насока на справување со предизвиците со кои се соочуваат нашите држави, регионот и Европа. Веруваме дека  независно дали станува збор за економска криза, енергетска стабилност, безбедност и стабилност или кое било друго значајно прашање, заемното разбирање и конструктивност, заеднички приод кон решавање на проблемите е вистинската опција кон успешното креирање на амбиент на стабилни држави, на стабилен регион.

Заедничките иницијативи, размената на искуства, интересот и поддршката за она што заеднички го правиме и постигнуваме за мирот, безбедноста, стабилноста, солидарноста и добрососедската соработка е препознато и во европски рамки. Потребно е да останеме со тој фокус и ангажираност како би придонеле проширувањето на Унијата да остане актуелна точка на европската агенда.

Во Европската унија постои релативен политички консензус дека Европа има одговорност кон регионот и интеграцијата во Унијата, но објективна е потребата од залагање и одговорност од секоја држава поединечно, достигнување на европските стандардите и вредностите како гарант за зрелоста да се биде дел од европското семејство. Значајно е заедничкото демонстрирање на подготвеност и свесност цивилизациските придобивки да ги споделиме, предрасудите, споровите и недоразбирањата да ги надминеме. Ова е задача од особено значење за балканските држави, задача која обезбедува стабилна основа за градење на врски меѓу различни култури, нации и религии.

Почитувани колеги,

Идната недела го очекуваме Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2012 година. Согласно направеното и постигнатото, и оваа година верувам во позитивна оценка и препорака за отпочнување на преговорите за членство во Унијата. Без оглед на исходот од одлуката на Советот во декември, Република Македонија ќе остане принципиелна во своите определби,  ќе остане посветена и одговорна членка на меѓународната заедница која дава особен придонес во регионалната соработка и добрососедските односи, преку почитување и разбирање, доверба и конструктивен дијалог.

Република Македонија силно верува во капацитетите на земјите од регионот во остварување на претпоставките за интензивирање на динамиката во однос на проширување на Унијата со цел стабилност и просперитет на целиот регион.

Благодарам на вниманието.

Click