Активности

Понеделник, 5 октомври 2015 година

Чешка отворена за разговори со цел решавање на проблемите со мигрантите

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија и претседател на Комисијата за надворешна политика, г. Антониjо Милошоски, оствари средба со заменик-претседателот на Комисијата за надворешни работи, одбрана и безбедност на Сенатот на Парламентот на Чешката Република, г. Томаш Јирса, во придружба на амбасадорот и на конзулот на Чешката Република во Република Македонија, Н.Е. Мирослав Рамеш и г. Јосеф Брож.

На почетокот од средбата, потпретседателот Милошоски ги информира гостите дека во април Република Македонија ја очекуваат предвремени избори и ги запозна со реформите коишто се во тек. Исто така, истакна дека во нашата земја постојат различни етнички групи, вклучувајќи ги и Ромите, при што стана збор за проблемите со кои се соочуваат тие во образовниот систем, вработувањето и вклученоста на жените, и дека се работи на решавање на ова прашање. Соговорниците беа согласни дека е потребно големо лоби во двете земји со цел подобрување на севкупниот живот на ромската заедница. 

Беше спомната и добрата соработка на Република Македонија со соседните земји на сите полиња, освен политичкиот проблем со Република Грција, која и понатаму го користи правото на вето за членство на Република Македонија во ЕУ и НАТО. Македонија заслужува да биде дел од европското семејство и Балканот не смее да се игнорира и треба што поскоро да се вклучи во истото, пред сè заради безбедноста на овој регион.  

Во фокусот на разговорот на присутните беше актуелната бегалска, односно мигрантска криза во Европа и можните решенија на истата. Напливот на мигрантите од Блискиот Исток, најмногу од Сирија, Чешка сè уште го нема почувствувано, за разлика од Македонија, која е дел од балканската рута кон нивната крајна дестинација, најчесто Германија.

Во овој контекст, беше изразено стравување поради надоаѓањето на есента и зимата, односно ниските температури, кои ќе доведат до уште поголеми проблеми, како и евентуалното враќање на мигрантите. Како проблем се јавува и илфилтрираноста на сомнителни лица меѓу нив, со поинаква идеологија и токму затоа е потребна многу добра размена на информации меѓу земјите од регионот и ЕУ за детекција на истите. Со оглед на тоа што оваа ситуација носи дополнителни трошоци, Република Македонија како мала земја, која нема толкав капацитет да се носи со сето тоа, се надева на финансиска помош од ЕУ. 

Гостите оставија отворена понуда за разговори со цел решавање на проблемите со мигрантите и ја потврдија поддршката која Република Македонија ја добива на евроинтегративниот пат од пријателски настроената Чешка Република, за што е доказ и признавањето под уставното име.   

Click