Активности

Среда, 12 октомври 2016 година

Деведесет и четврта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на денешната 94. Седница, како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за банките (во прво читање).

Воведно образложение по поднесениот Предлог на закон даде заменикот на министерот за финансии, г. Гзим Беадини. 

Тој истакна дека причините за донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за банките произлегуваат од потребата за подобрување на досегашната законска регулатива која го регулира работењето на банките во Република Македонија, како и прилагодувањето кон барањата кои ги диктира банкарскиот и финансискиот систем во Република Македонија. Способноста за справување со овие барања е од клучно значење во обезбедувањето услови за ефикасност и стабилност на финансискиот сектор во Република Македонија во периодот по влезот во ЕУ. Во посткризниот период Базелскиот комитет за банкарска супервизија донесе документи познати како Базел III со кои ги зајакна капиталните барања за банкарскиот сектор, а во 2015 година донесе нови принципи за корпоративно управување на банките. Заради натамошно усогласување на домашната банкарска регулатива со Базел 3 и со Базелските принципи за корпоративно управување, има потреба од донесување на предложениот закон.

Во претресот учествуваше пратеникот Марјанчо Николов. 

На крајот од расправата, Комисијата со седум гласа ‘’за’’ и два гласа „воздржан“ заклучи дека Предлогот на закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Click