Активности

Петок, 24 октомври 2014 година

Деветта седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на 9. седница одржана на 22 октомври 2014 година, како матично работно тело во прво читање ги разгледа:

  1. Предлог на закон за дополнување на Законот за приватизација на државниот капитал;
  2. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за угостителска дејност.

Потребата од донесување на Предлог - законите ја образложи заменик министерот за економија, г. Христијан Делев.

Во однос на Предлог на закон за дополнување на Законот за приватизација на државниот капитал беше истакнато дека досега државниот капитал во Република Македонија беше пропишано како да се ликвидира, односно како да се продава, но тоа не е случај и со капиталот што е во сопственост на Република Македонија надвор од нејзините граници. Со предложеното решение се пропишува постапката како тој капитал да се продава.

Целта на предложеното дополнување на Законот за приватизација на државниот капитал е создавање на правен основ за примена на соодветна регулатива од земјите каде што се наоѓаат друштвата, односно банките или нивните седишта во чија главнина Република Македонија или органите на државната власт во Република Македонија имаат свои акции, односно свои удели.

Додека во однос на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за угостителска дејност, Делев посочи дека досега со Законот за угостителска дејност беше регулирана дејноста за угостителските објекти и нивното работно време. Во делот на главните патни коридори на бензиските пумпи, како и во аеродроми, железнички и автобуски станици и на граничните премини се отворија ресторани кадешто не беше регулирано работното време, односно беше лимитирано.

Со предложеното законско решение на овие угостителски објекти ќе им се дозволи да работат 24 часа. Беше истакнато дека со ова решение во значителна мерка ќе им се помогне на стопанствениците кои поседуваат ваков тип на ресторани, посебно во летниот период, бидејќи преку Република Македонија транзитираат многу туристи.  

Во претресот учествува пратениците: Љупчо Димовски, Владанка Авировиќ, Каљтрина Азизи, Драган Цуклев и Зоран Илиоски.

На крајот од расправата, Комисијата заклучи дека Предлог - законите се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.

 

 

Click