Активности

Недела, 2 август 2015 година, Пелинце

Обраќање на претседателот Вељаноски по повод 2 Август - Илинден, Ден на Републиката

Почитувани граѓани на Република Македонија,
Почитувани пријатели од сите вери и нации,
Почитувани поддржувачи на делата на комитите и на партизаните на Македонија,
Почитувани преставници на дипломатскиот кор,
Почитувани преставници на политичките партии,
Почитувани преставници на медиумите,
Драги пријатели,
Дами и господа,

Со секој следен народен собир на Илинден затвораме една испишана страница од нашата македонска историја.

Со секој следен собир го отвораме и новото македонско историско поглавје кое потоа го пополнуваме со живи спомени до следната народна илинденска прослава.

Илинден е оној меѓник во кој се вкрстуваат минатото и иднината на Македонија.

Илинден е онаа точка од која најреално можеме да ја оцениме сегашноста низ призма на жртвите и влогот на генерациите пред нас.

Илинден е она народна меморија која на најдобар начин нé опоменува дека Македонија е нашата најголема и најзначајна партија, нација и вера.

Во зборот Илинден се собрани сите македонски интереси, идеи, идеологии, доктрини и национални програми.

Во зборот Илинден подеднакво е олицетворена жртвата на комитите, како и успесите на партизаните.

Илинден е олицетвоирение и на стремежите на македонскиот народ за сопствена држава, како што е олицетворение на желбите на нашите сограѓани од другите помалубројни нации и вери за соживот, за права и за слободи.

Илинден подеднакво силно се однесува како на македонската левица, така и на македонската десница; како на политичкиот центар, така и на оние кои немаат идеолошка одредница.

Илинден успеа да се издигне над сé во Македонија!

Илинден се поистоветува со сите во нашата Татковина!

Илинден е ден и за македонците, и за албанците и за турците, и за власите и за србите и за ромите и за бошњаците.

Илинден е и за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ; за ДУИ и за ДПА; како и за останатите партии.

Илинден е еквивалент на сите наши стремежи и досегашни успеси на патот кон интеграција во НАТО и во Европската унија.

Илинден е симбол и на сите македонски залагања за подобар живот, за економска благосостојба, за инвестиции и за работни места.

Илинден сме сите ние!

Македонија е Илинден!

Заветот на Илинденците е завет на заедништво!

Влогот на Илинденците е влог на соработка!

Борбата на Илинденците е борба за слобода, за правда и за еднаквост!

Стремежот на Илинденците е стремеж за коегзистенција и разбирање!

Жртвата на Илинденците е жртва за заедничка, просперитетна, напредна, демократска и развиена татковина, Македонија!

Сите македонски историски страници, целата македонска историја се оценува и се слави согласно овие одредници.

Тие се оние кои го даваат најточниот суд за тоа дали тоа што го правиме е во согласност со славните идали на македонските комити и партизани.

Сè што било и сè што следува како политички настан во нашата македонска историја треба и ќе го помине судот на славниот илинден!

Судот на нашиот вековен стремеж за своја држава!

Судот на нашиот вековен копнеж за демократија и за слобода!

Судот на нашите историски залагања за интеграција, за соработка и за мир со сите и за сé!

Мораме секој ден, а не само денес да го промовираме заедништвото, така како што го промовираа учесниците во Илинденското востание.

Мораме секој ден, а не само денес, уште поцврсто да се бориме за слободата, за правдата и за мирот, приближно исто како што тоа го правеа македонските партизани во виорот на Втората светска војна.

Немаме друг избор, освен секојдневно, постојано, посветено и со целото срце да градиме мостови на соработка внатре помеѓу нас, но и надвор со другите народи и држави.

Само на овој начин нашата Татковина ќе успее уште повеќе и уште подобро.

Само на овој начин ќе покажеме уште повеќе и уште подобро дека Европа не е нешто што треба да го внесеме во Македонија, туку вредност која ја извезуваме како дел од заедничката европска култура и идентитет.

Сите сме Македонија!

Македонија е за сите!

Друг пат не постои!

Друг начин нема!

Друго вредносно мерило освен она на Илинден – ние не познаваме!

Да се потсетиме на сите македонски историски настани за да можеме со достојна одговорност да ја пишуваме новата македонска историја.

Верувам дека тие нови македонски страници се исполнети малку повеќе со оптимизам наспроти песимизмот.

Верувам дека тие нови наши македонски историски страници ќе содржат малку повеќе радост наспроти тага.

Конечно, искрено верувам дека оваа историја што ја испишуваме, независно од сите проблеми и предцизвици, на крајот, ќе и' донесе нешто добро на Македонија!


Драги пријатели,
Почитувани сограѓани од земјата и од странство,

Македонија е онолку цврста внатре, колку што е интегрирана надвор!

Македонија е онолку безбедна внатре, колку што има поцврста соработка надвор!

Македонија е онолку сигурна внатре, колку што се сигурни нејзините релации надвор!

Нашиот децениски приоритет, нашиот национален интерес, нашата заедничка програмска определба била, е и ќе биде членството во НАТО!

НАТО е нашиот идеал кон кој се стремиме и за чие остварување сите овие години напорно работиме!

Впрочем, нашата армија, односно нашите војници, најсилно покажуваат што преставува за нас НАТО во моментите кога стоејќи рамо до рамо со сојузничките војски низ светот се борат за мирот и за светската стабилност.

Горди сме на оваа наша заложба!

Горди сме на досегашниот наш придонес во насока на остварување на целта за наше полоправно членство во Алијансата!

Горди сме и на сите досегашни успеси и совладани препреки!

Веруваме во нашата сила, способност и посветеност да го совладаме преостанатиот дел од патот во разумен рок.

Веруваме во силината на внатрешниот меѓуполитички и меѓуетнички консензус  кој е основата на сé и без кој ниту една цел не е достижна ниту извесна.

Продолжуваме и во иднина да го јакнеме тој консензус и тоа внатрешно единство.

Продожуваме и во иднина, со истата посветеност да работиме на јакнење на сојузништвото со државите-членки на НАТО.

Продолжуваме и во иднина еднакво посветено да помагаме во реализацијата на мисијата на Алијансата насекаде низ светот.

Ова го правиме бидејќи предизвиците на државите од евро-атланскиот свет се и наши предизвици.

Ова го правиме бидејќи вредностите на државите од евро-атланскиот свет се и наши вредности.

Ова го правиме бидејќи заканите на државите од евро-атланскиот свет се и македонски закани.

Конечно, ова го правиме бидејќи идеите за иднината на светот вообличаени од државите од евро-атланскиот свет се и наши македонски идеи!

Република Македонија посветувала и ќе посветува голема енергија во унапредувањето и во развојот на односите со нашиот стратешки сојузник Соединетите Американски држави.

Високо ценејќи ги сите минати заеднички успеси, еднакво силно се залагаме за отворање на нови заеднички перспективи.

Силните македонско-американски врски се основата на сите наши успеси во иднината!

Уште од времињата на двете илинденски епопеи, преку периодот на авторитарниот комунизам, па сé до денес, Македонија многу полесно се справувала со сите предизвици благодарение на поддршката на стожерната држава на нато-пактот.

Драги пријатели,

Ретки се оние прашања за кои имаме изградено силно единство.

Ретки се оние теми зад чие остварување подеднакво силно се залагале и македонците и албанците и останатите етнички заедници.

Ретки се оние теми зад кои со својот политички капитал застанале сите позначајни партии во државата.

Ретки се оние прашања кои толку силно се поддржани и од земјоделците, и од работниците, и од бизнисмените и од административните работници.

Големата идеја за членство на Македонија во Европската унија е таквата национална, државна, сеграѓанска цел!

Почнувајќи од 1995 година кога Македонија започна да ги развива односите со Унијата, па сé до денес, напорно работиме на остварувањето на оваа цел.

Членството на Македонија во Европската унија значи поправедна и подобра држава.

Членството на Македонија во Европската унија значи повисок стандард, подобра економија и повеќе работни места.

Членството на Македонија во Европската унија значи поразвиено образование, наука, пензиски систем, земјоделство и култура.

Членството на Македонија во Европската унија значи посилно афирмирање на македонските вредности, кои се и европски вредности.

Членството на Македонија во Европската унија значи и посилно афирмирање на европските вредноси кои, секако, се и македонски вредноси.

Конечно, членството на Македонија во Европската унија ќе значи и симболичен крај на сите македонски историски премрежја на патот до светлата иднина.

Европа е нашиот дом!

Македонија, како дел од тој дом, доаѓа со свои вредности и културни особености.

Македонските вредности и културни особености преставуваат позитивен додаток на европскиот код.

Македонските вредности и културни особености се дополнителна боја во европската колоритност.

Македонските вредности и културни особености се нешто со што еднакво силно треба да се гордее европа, како што ние сме горди со историските настани и личности на европските држави.

Идеите на Гоце Делчев од времето на првиот илинден за „соработката помеѓу народите и културите" се изворно европски вредности!

Ставовите на Методија Андонов Ченто од времето на вториот Илинден „за плурализмот, демократијата и човековите права и слободи" се изворно европски ставови.

Оттаму, Гоце Делчев и Методија Андонов Ченто како симболи на исправните цивилизациски залагања на македонскиот народ низ историјата се неспорни докази кои треба дополнително да ја зајакнат, унапредат и развијат гордоста и на останатите држави-членки на европската унија.

Дами и господа,
Почитувани пријатели,

Брзината на движењето на Македонија кон НАТО и кон Европската унија во значајна мера зависи од нашите искрени залагања и работа.

Тоа е неспорен факт.

Тоа е реалност која е значајно да ја повториме.

Впрочем, има и периоди во нашата најнова македонска историја кога таквото тврдење може највидливо да се оцени и да се согледа.

Никој повеќе од нас самите нема интерес Македонија да стане дел од овие организации!

Никој повеќе од нас самите нема таква желба да ја интегрира Македонија од самата Македонија.

Сепак, реалностите на политиката испречија препрека која нé одвраќа.

Се појави пречка која нé оневозможува.

Се соочуваме со проблем кој го одолговлекува нашето зачленување во НАТО и во Европската унија.

Исправени сме пред планина заради што тапкаме во место.

Имаме камен околу ногата на Македонија заради кој не можеме да се движиме побрзо напред.

Таква е реалноста.

Тоа е неспорен факт со кој мораме да се соочиме.

Тоа е проблем кој го решаваме со различен интензитет овие 25 години македонска државност.

Друг избор немаме.

Друг начин освен соочување со проблемот не постои!

Друг политички метод освен дијалогот, Македонија не познава!

Продолжуваме посветено да ги негуваме односите со нашиот јужен сосед.

Продолжуваме да разговараме и да објаснуваме дека Македонија не и' е непријател на Грција, ниту македонскиот народ на грчкиот народ.

Негуваме заеднички вредности!

Негуваме слична традиција, култура и вероисповест!

Имаме заедничко минато и проекции за заедничка европска и евро-атланска иднина!

Тоа се нашите точки од кои треба да израсне уште поголемо дрвото на новото македонско-грчко заедништво и соработка.

Тоа се нашите врзивни елементи кои треба да ги зајакнуваме.

Тоа се темелите од кои се развива духот на соработката помеѓу Република Македонија и Република Грција.

На тој пат, до остварувањето на таа цел, имаме должност да покажеме дека нашето име република македонија со сите придавки и именки кои произлегуваат од него, не е и не смее да биде основа за меѓудржавни недоразбирања со пријателска Грција!

Мораме да ја сопреме спиралата на емитирање на неповолни вести кога станува збор за македонско-грчките односи.

Мораме да ја спречиме инфлацијата на негативните вести!

Имаме обврска да ги промовираме позитивните примери кои се доминантни во односите помеѓу двете држави и двата народа.

Во духот на заедничкото христијанско наследство, свесни за новите глобални предизвици, македонскиот и грчкиот народ треба уште посилно да се залагаат за изградба на нови мостови на соработка.

Како претседател на македонското собрание, во мое име, а верувам и во името на останатите 122 преставници на граѓаните на Македонија, повикувам да ги динамизираме нашите билатерални односи имајќи ги во предвид интересите на граѓаните на нашите држави кои најдобро ни покажуваат како се развиваат туристичките, бизнис, културните, образовните и останатите релации.

Драги пријатели,

Парламентот е основата на преставничката демократија.

Колку е поцврст законодавниот дом, толку е поцврста една држава.

Македонскиот законодавен дом продолжува да биде точка која ќе генерира стабилност и демократија.

Како претседател на Собранието, сакам и денес, како и минатата година и во годините пред неа, да подадам рака кон сите преставници на народот на Македонија.

Подавам рака на дијалог.

Подавам рака на соработка.

Подавам рака за нов напредок околу стожерните приоритети на државата.

Мораме да покажеме дека зборови за соработка изговорени на вакви големи национални денови, не се само протоколарен чин.

Ниту еден проблем не е доволно голем за да не биде совладан доколку целта е Македонија.

Ниту еден настан не е доволно голем доколку настапуваме со искрени намери.

Ниту еден направен разговор не треба да биде пречка за да отпочне дијалогот.

Македонија е доволно силна за да може самата да ги решава проблемите.

Македонија покажала дека има капацитет да се носи со тежината на проблемите што произлегуваат од нејзината самостојност.

Да покажеме дека ги цениме советите на нашите меѓународни пријатели, но и дека имаме сила самите да разговараме и да ги решаваме проблемите.

Да покажеме дека знаеме да решаваме сложени прашања користејќи ги нашите внатрешни сили и капацитети.

Да покажеме дека сме држава со сите нишани!

Цврсто верувам дека делата, а не зборовите се она од што зависи историската оценка за нас.

Времето ќе ги отстрани сите неосновани траги и ќе ги прикаже личностите и настаните во вистинското светло.

Во тој дух, повикувам заедно да продолжиме да ги надоградуваме демократските основи на македонскиот законодавен дом.

Да ја јакнеме соработката во Собранието како основа на соработката во општеството.

Партиите помеѓу себе се конкуренти, а не непријателски формации.

Собранието е она стожерно место кое подеднакво е отворено кон сите независно на која политичка група ѝ припаѓаме.

Да продолжиме да му покажуваме на народот дека партиите знаат да се натпреваруваат, како што знаат и да соработуваат.

Да покажеме дека нашите програмски и идеолошки разлики знаеме да ги споделуваме, негувајќи ја културата на дијалогот.

Впрочем, алтернативата не е непозната за нас!

Тоа е непримерниот политички конфликт, кој, за жал, го гледаа македонските граѓани.

Верувам дека ќе успееме да отвориме нова демократска перспектива со завршувањето на летото.

Верувам дека враќањето на опозицијата ќе даде дополнителна тежина на македонскиот парламент.

Впрочем, парламентот е институцијата во која се вкрстуваат идеите за да се исфилтрира вистинскиот проект, а не е институцијата од каде се поткопуваат демократските темели на државата.

Ниту една политичка бомба не може да предизвика доволно голем политички чад за да се замаглат вистинските дела.
Ниту една политичка бомба не може да предизвика доволно голем политички чад со кој ќе се прикријат субвенциите на земјоделците, километрите изграден автопат, новите работни места, инвестициите и сé друго што е позитивно.

Сепак, важно е, исто така, јасно да се подвлече дека демократијата подразбира цврсти институции и постоење на правда.

Дека постојат закони кои се почитуваат од сите.

Затоа да најдеме основа за соработка во кризата која се создаде.

Да продолжиме да го гледаме заедничкиот интерес.

Да продолжиме уште повеќе да водиме сметка за Македонија и за граѓаните.

Доколку вака постапуваме, убеден сум дека ќе надминеме сé.

Доколку вака постапуваме убеден сум дека ќе совладаме сé.


Драги пријатели,

Границата помеѓу политичкото и етничкото во Македонија е тенка.

Секоја политичка стабилност генерира етничка стабилност.

Секоја политичка нестабилност знае да предизвика етничка нестабилност.

Имаме обврска да продолжиме да ги негуваме добрите односи помеѓу граѓаните од сите вероисповеди и етнички потекла.

Да бидеме одговорни и да промовираме добри дела.

Да бидеме позитивни и да се бориме за заедничкиот интерес.

Да ги почитуваме останатите култури, како што ја почитуваме нашата култура.

Илинден е најдобриот пример за ваквите тврдења.

Под знамето на слободата и во 1903тата и за време на втората светска војна, пред олтарот на татковината своите животи ги положија Македонците, но и Албанците, и Турците и Ромите и Србите и Власите; и Христијаните и Муслиманите и Евреите и Атеистите.

Да го славиме меѓуетничкиот дијалог, затоа што на тој начин најдобро ќе им се оддолжиме на нашите предци кои се изборија за нашата слобода и државна независност.

Македонија подеднакво им припаѓа на сите!

Македонија е за сите!

Македонија ги промовира идеите и потребите на сите граѓани!

Институциите водат сметка за стремежите на сите граѓани!

Тоа е демократијата.

Тоа се вредностите на европската унија кои се и наши вредности.

Тоа е идејата околу која сме обединети овие децении на македонска независност.

Развојот на економијата, новите инвестиции, инвестирањето во иновациите, подеднакво се однесуваат на сите граѓани.

Предизвиците и проблемите со кои се соочуваме имаме обврска да ги решаваме заради сите граѓани.

Имаме обврска да посветиме подеднаква грижа за секое семејство во Македонија.

Да работиме за да ги зајакнеме темелите на секој дом во Македонија.

Да реализираме идеи кои ќе им отворат перспективи на нашите деца.

Да ја почитуваме традицијата.

Да ги негуваме историските односи на толеранција и на меѓусебно уважување.

Да ги прифаќаме промените што ги носи животот, но и да се држиме цврто до корените.

Македонија е развиена толку колку што се развиени нашите семејства!

Македонија е горда толку колку што се горди нашите деца!

Македонија е почитувана толку колку што е почитувана нашата традиција и историја!

Македонија е напредна толку колку што се напредни нашите меѓусебни односи на уважување и на почитување!

Да се сеќаваме на двата илиндена!

Да ја славиме жртвата и заветот на комитите и на партизаните!

Да бидеме одговорни пред себе и пред народот!

Да бидеме искрени и да ја почитуваме татковината и институциите!

Да градиме нови мостови на политичка и на етничка соработка!

Да подаваме рака и да ја зацврстуваме демократијата!

Доколку вака постапуваме, знам дека на следните поколенија им оставаме стабилна и демократски развиена држава!

Доколку вака постапуваме, знам дека судот на историјата за овој период од македонската историја ќе биде поволен и позитивен!

Да си ветиме дека следните илиндени ќе говориме за други предизвици и дека со гордост ќе се сеќаваме на успешното справување со претходните проблеми.

Да се обврземе дека со своите дела ќе ги убрзаме процесите на вкупниот развој на нашата татковина.

Македонија ќе биде дел од НАТО и од Европската унија!

Македонија ќе ги надмине сите политички несогласувања!

Македонија ќе ги развие уште повеќе меѓуетничките односи!

Македонија ќе биде уште поразвиена држава!

Со божја помош, ќе совладаме сè и ќе надминеме сè!

Нека е вечен споменот за македонските партизани!

Нека е вечен споменот за македонските комити!

Нека е вечен Илинден и нека е вечна Македонија.!

Да живее Македонија!

Благодарам.

Click