Активности

Понеделник, 22 септември 2014 година

Посета на делегација на Меѓународниот сектор на Комунистичката партија на Кина

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г. Антонијо Милошоски,оствари средба со делегација на Меѓународниот сектор на Комунистичката партија на Кина, предводена од г. Џоу Ли, во чија постојана придружба беше и амбасадорот на Народна Република Кина во Република Македонија, г. Вен Џеншун.

На средбата присуствуваа и претседателот на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Народна Република Кина, г-ѓа Силвана Бонева и пратениците: г. Зоран Илиоски, г. Никола Мицевски, г-ѓа Ане Лашкоска и г-ѓа Магдалена Манаскова.

Во своето воведно излагање, потпретседателот Милошоски истакна дека откако се воспоставени дипломатските односи меѓу двете држави, политичката соработка е одлична и се реализирани многу посети на државно ниво.

Во врска со економската соработка, тој изјави дека повеќе кинески компании работат на големи проекти во Република Македонија и дека таа соработка уште повеќе ќе се интензивира.

Тој високо ја цени плодната соработка на Народна Република Кина во ОН и другите меѓународни организации, како и надворешната политика која почива на немешање на внатрешните работи на суверените држави, почитување на принципите на меѓународното право и политиката на „една Кина“. Исто така, особено ја почитува воспоставената соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Комунистичката партија на Народна Република Кина.
Господин Џоу Ли ги пренесе поздравите од претседателот на Секинескиот народен конгрес и истакна особено задоволство што од нормализацијата на односите меѓу двете држави во 2001 година, постои плодна соработка и интензивни контакти. 

Тој истакна дека особено внимание посветуваат на односите меѓу Народна Република Кина и државите од Централно-источна Европа, меѓу кои и Република Македонија. Воедно, го ценат суверенитетот и интегритетот на нашата земја и нејзините напори за евроинтегрирање.

Исто така, искажа благодарност за ставот на Република Македонија за „една Кина“, за поддршката во меѓународните односи и залагањето за промоција на Народна Република Кина во нашата земја.  

Беше истакнато дека размената на искуства меѓу двете партии е одлична основа за билатерална соработка. Комунистичката партија е модерна партија, посветена на развој на односите со секоја политичка партија во светот која е посветена на мирот и напредокот. Народна Република Кина ја почитува различноста на културите, етничките групи, религиите и се залага за соработка со сите држави.

Претседателот на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Народна Република Кина, г-ѓа Силвана Бонева, истакна дека соработката меѓу двете држави се унапредува и благодарение на тоа го имаме Конфуциј институтот, отворен во 2013 година во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во партнерство со Универзитетот за финансии и економија во Ченгду, главен град на провинцијата Сичуан. 

Таа изјави дека за Република Македонија е од огромно значење што народот на Народна Република Кина и нивното највисоко водство го користат нашето уставно име, затоа што се знае дека Република Македонија има големи притисоци за уставното име и со тоа се попречува нејзиното евроинтегрирање.  

Воедно, изрази благодарност за техничката и финансиската помош од Народна Република Кина, потоа за соработката со Секинескиот народен конгрес и со Амбасадата на Народна Република Кина во Република Македонија. 

Click