Активности

Понеделник, 6 јули 2015 година

Претседателот Вељаноски го отвори 54. Балкански фестивал на народни песни и игри

Почитувани дами и господа,
Почитувани пратеници,
Почитуван градоначалник на општина Охрид, 
Екселенции, 
Почитувани учесници на фестивалот,
Драги пријатели,

Ми претставува особено задоволство вечерва заедно со вас да го отворам 54. Балкански фестивал на народни песни и игри. Оваа наша фолклорна манифестација како најстара на Балканот, многу успешно ги претставува и афирмира културното наследство и достигнувањата на земјите и народите од каде што доаѓаат учесници во изминатите 54 години. Навистина звучи импозантно тоа што на овој фестивал досега учествувале над педесет илјади пејачи, играорци и инстументалисти и тоа од сите континенти. Само да споменам дека овде во преубавиот Охрид настапувале ансамбли од Австралија, од САД и Канада, Малезија, Мексико, Костарика, Нигерија, и така натаму. 

Почитувани пријатели,

Музиката, фолклорот и игрите денеска се универзална цивилизациска категорија, односно дел од светското културно наследство. Но, истовремено тие претставуваат и значајни елементи кои го дефинираат, чуваат и развиваат нациналниот идентитет. Македонскиот народ во својот историски и државотворен развој секогаш успевал да го зачува својот фолклор, својата изворна народна музика, својата убава песна. Векови наназад нашите предци знаеле и успеале овие вредности како дел од нашиот национален и културен идентитет да ги зачуваат, развиваат и пренесат на помладите генерации. Мислам дека и денеска кога живееме во сопствена самостојна држава пред сè со помош од страна на соодветните институции како Министерството за култура, нашиот фолклор, песна и игри успешно се пренесуваат на младите генерации. 

Драги пријатели,

Македонскиот народ како што знае да се радува, но и да тагува преку својата народна песна и игри, така отворено и искрено ги почитува културните и националните вредности, како на нашите сограѓани од другите етнички заедници, така и на оние од регионот и пошироко. Ова на своевиден начин го потврдуваме преку оваа наша фолклорна манифестација заедно со сите педесет илјади учесници кои оставиле белег во овие 54 години на одржување на Балканскиот фестивал на народни песни и игри. 

На крај, би сакал на сите учесници да им посакам пријатен престој во нашиот Охрид со убедување дека кога ќе се вратат дома, со себе ќе понесат и дел од неисцрпното духовно богатство на Охрид и на Република Македонија.

Со овие мисли, почитувани пријатели, дозволете 54. Балкански фестивал на народни песни и игри да го прогласам за отворен.

Ви благодарам.

Click