Активности

Среда, 16 септември 2015 година

Претседателот Вељаноски го прими новоименуваниот амбасадор на Кралството Холандија во Република Македонија, г. Вилем Ваутер Пломп

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, оствари протоколарна средба со новоименуваниот амбасадор на Кралството Холандија во Република Македонија, г. Вилем Ваутер Пломп.

На почетокот од средбата, двајцата соговорници изразија надеж дека успешната соработка која Собранието на Република Македонија ја имаше со претходните амбасадори, ќе продолжи и понатаму.

Амбасадорот Пломп се заблагодари за можноста да се сретне со претседателот Вељаноски и истакна дека Амбасадата на Кралството Холандија е подготвена за натамошна поддршка за интеграција на Македонија во членството во ЕУ и НАТО, како и на парламентарна соработка меѓу двете земји, како на ниво на претседатели на парламенти, така и на ниво на пратеници и групи за соработка.

Тој ги поздрави двата големи чекора за Македонија, враќањето на пратениците од опозицијата во Собранието на Република Македонија и договорот за специјалниот јавен обвинител.

Претседателот Вељаноски истакна дека Република Македонија и Кралството Холандија имаат одлична билатерална соработка и дека Република Македонија е благодарна на поддршката која ја добива во однос на предизвиците со кои се соочува на патот на евроинтеграциите. Двајцата соговорници се согласија дека интеграцијата на земјите од Западен Балкан, е од особено значење, не само за регионот, туку и за Европа во целина.

На средбата се разговараше и за тековните активности во Собранието и моменталната политичка ситуација во Република Македонија. Исто така, се разговараше и за големиот наплив на мигранти од Блискиот Исток со кои се соочува Република Македонија и како таа состојба да се надмине во скоро време. Претседателот Вељаноски истакна дека Република Македонија прави големи напори и ги почитува сите меѓународни протоколи за овие кризни состојби.

На крајот од средбата, претседателот Вељаноски ја потенцираше отвореноста на Собранието на Република Македонија и Кабинетот на претседателот за сите нови идеи за соработка и континуирана комуникација со Амбасадата на Кралството Холандија.  

Click