Вторник, 22 јули 2014 година
Прва седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство
Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, на Првата седница одржана денеска, како матично работно тело, во прво читање, го разгледа Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделското земјиште.
На седницата на Комисијата, во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствуваше г. Ванчо Костадиновски, заменик на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Претставникот на Владата ја нагласи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот.
Во дискусијата по Предлог-законот учествуваа пратениците: г. Љупчо Димовски, г. Никола Мицевски и г-ѓа Олга Најденовска. Тие, во своите дискусии, дадоа поддршка за донесување на измените и дополнувањето на овој предлог на закон.
На крајот Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство, едногласно го усвои следниот Заклучок:
- Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство го разгледа Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделското земјиште и согласно член 142, став 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, оцени дека Предлог-законот е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.