Активности

Четврток, 25 септември 2014 година

ПРВА СЕДНИЦА НА НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИ

Националниот совет за евроинтеграции на 24 септември 2014 година ја одржа Првата седница на која беа разгледани Информацијата за реализираните активности од Националната програма за усвојување на правото на Европската унија - ревизија 2014, за периодот од 01.01.2014-31.03.2014 година и Информацијата за реализираните активности од Националната програма за усвојување на правото на Европската унија - ревизија 2014, за периодот од 01.04.2014-30.06.2014 година. 

Информациите за реализираните активности од НПААза првиот и вториот квартал од годината, пред членовите и претставниците на Националниот совет за евроинтеграции ги презентираше д-р Фатмир Бесими, заменик на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања.

Заменик претседателот на Владата, Бесими во своето излагање ја истакна заложбата на Владата на Република Македонија за продолжување со евроатланските интеграци и во таа насока информираше за постигнатиот напредок во изминатиот период. Г-дин Бесими ги запозна присутните со тековните активности кои институциите ги превземаат во насока на подготовка на планирањето на Националната програма за усвојување на правото на ЕУ - ревизија 2015, истовремено информирајќи за последните консултации со Европската комисија во врска со редовниот годишен Извештај за напредокот на Република Македонија за 2014 година, кој се очекува да биде објавен на почетокот на октомври оваа година. 

Како особено значајни вицепремиерот Бесими ги образложи спроведените реформи во областа на судството. Како резултат на законските измени во предметните закони кои го регулираат прашањето на текот и траењето на судските постапки забележано е дека траењето на една судска постапка во просек е намалено од 160 денови на 130 денови. Истотака, тој информираше за степенот на усвојување на законите и подзаконските акти предвидени со годишната ревизија на НПАА, за неодамнешните постигнувања во областа на борбата против организираниот криминал и корупцијата, слободата на изразување, политичкиот дијалог, реформата на јавната администрација, меѓуетничките односи, добрососедските односи и регионалната соработка. 

На седницата како претставник на Делегацијата на ЕУ во Република Македонија присуствуваше г-дин Роберт Лидл, раководител на одделението за прашања од областа на политика, правда и внатрешни работи.
Во расправата на седницата, со свои дискусии, сугестии и препораки учествуваа: г. Илија Димовски, потпретседател на Советот, г.Антонијо Милошоски, г-ѓа Нора Алити и г-ѓа Силвана Бонева, пратеници и членови на Советот, проф.д-р Димитар Мирчев, член на Советот од кабинетот на Претседателот на Република Македонија, г. Дарко Ангелов, член на Советот од Канцеларијата на Претседателот на Владата, академик проф.д-р Владо Камбовски, член на Советот од Македонската Академија на науките и уметностите, г. Насер Селмани, член на Советот од Здружението на новинари на Македонија, г.Антони Пешев претставник на Стопанската комора на Македонија и г.Живко Митревски од Сојузот на синдикати на Македонија.

Евроинтеграциите остануваат приоритет за Владата и за Собранието, значајно е Република Македонија што поскоро да го добие датумот за почеток на преговорите. Во текот на дебатата, од страна на членовите и претставниците на Советот беше потенцирана потребата за учество на политичките партии од опозицијата во работата на Собранието како и во работата на Националниот совет имајќи го во предвид инклузивниот карактер и составот на ова тело кое ги рефлектира различните политички, етнички, верски и интересни групи во општеството обединети во заедничката цел-членството на Република Македонија во Европската унија.

     записник           стенографски белешки

Click