Активности

Вторник, 11 јули 2017 година

Средба на претседателот Џафери со aвстралиската министерка Бишоп

Во рамките на официјалната посета на Република Македонија, денеска претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, оствари средба со г-ѓа Џули Бишоп, министерка за надворешни работи на Австралија. Оваа посета кореспондира со почетокот на реформските процеси во Република Македонија, кои започнаа со формирањето на новата Влада и претставува прва официјална посета на висок државен функционер од Австралија од осамостојувањето на Република Македонија, од 1991 година до денес.

Претседателот на Собранието, г. Талат Џафери, изрази огромно задоволство од оваа посета, потенцирајќи дека парламентарната дипломатија на високо ниво меѓу двете држави ќе придонесе во натамошно збогатување и унапредување на меѓусебните пријателски и отворени билатерални односи. Во таа насока, претседателот на Собранието искажа подготвеност да му биде домаќин на неговиот австралиски колега, и изрази надеж дека групите за соработка што редовно се формираат во двата парламента, ќе продолжат во духот на инвентивна и квалитетна соработка. 

Севкупните односи меѓу Република Македонија и Австралија ги карактеризира висок степен на пријателство, конструктивен и отворен политички дијалог заснован врз партнерски однос и заемно почитување, при што бројната дијаспора од Република Македонија претставува мост за поврзување и збогатување на меѓусебните релации. Очекуваме одлуката на австралиската влада во однос на употребата на референцата во меѓународните односи во значителна мера да ги промени перцепциите и степенот на демократските вредности.  

Министерката Бишоп со особено задоволство се осврна на реформската агенда на новата Влада и на Планот 3-6-9, со особен акцент на делот за почитување на владеењето на правото и нулта толеранција за корупцијата, со што земјата ќе се придвижи на патот на европските и евроатлантските интеграции, на кои Австралија дава силна поддршка. Истакнувајќи ја вековната богата традиција на австралиската парламентарна демократија, која датира уште од 1901 година, г-ѓа Бишоп изрази очекување дека размената на искуствата од парламентарната практика и принципите на парламентарната демократија меѓу Собранието на Република Македонија и Парламентот на Австралија, ќе претставува двигател на реформските процеси на парламентарно ниво. Австралиската страна високо ги цени и ги поздравува заложбите за транспарентност на законодавниот дом, отворен пристап кон граѓанскиот сектор, невладините организации, медиумите, како и надзорната улога над работењето на владата и другите државни институции. Ваквите чекори значително ќе ја зацврстат улогата на парламентот како чувар на суверенитетот и уставниот поредок.

Соговорниците споделија видувања во однос на немилите настани од 27 април, при што констатираа дека само со јасна и силна визија може да се продолжи кон градење на стабилни и демократски институции и парламент кој ќе носи квалитетни законски решенија во интерес на граѓаните, и на иднината на Република Македонија.

Австралија и натаму континуирано ќе ја поддржува Република Македонија и нејзините граѓани во демократските општествени процеси и ќе биде нејзин силен партнер на меѓународен план. 

Click