Активности

Петок, 26 мај 2017 година

Средба на претседателот Џафери со претставници на Институтот за демократија

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари средба со претставници на Институтот за демократија (ИДСЦС) на која беше презентиран проектот „Собранието под лупа“, чија суштина е зајакнување на учеството на јавноста во расправите и дискусиите, преку инклузивен и отворен начин, во собраниските работни тела.

Претседателот Џафери го повтори своето уверување дека Собранието мора да биде максимално отворено и кооперативно со граѓаните, со невладиниот сектор и со медиумите, при што беше нагласена потребата од враќање на демократските принципи во институциите на системот и довербата во Собранието на Република Македонија.

Во текот на изминатите денови претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, оствари средба со повеќе претставници на фондации и институти. Тој се сретна со претставници и со директорот на Фондацијата Бергхов, Луџи Вималарајан.

Фондацијата Бергхов е посветена на поддршката на засегнатите страни во конфликт, во нивните напори за постигнување одржлив мир преку градење мир и трансформација на конфликтот. Тоа го постигнуваат преку активна поддршка на мировните процеси, преку истражување на конфликти, политичко советување и мировна едукација.

Исто така, претседателот Џафери се сретна и со директорот на Националниот демократски институт (НДИ), г. Крис Хеншоу и заменик-директорот, г. Роберт Скот Хејслет. 

На средбата двете страни се осврнаа на досегашната соработка на НДИ со Собранието на Република Македонија и се согласија дека таа треба да продолжи и понатаму и да се продлабочи.

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, имаше средба и со претставниците на Фондацијата за демократија на Вестминстер, Емил Атанасовски, Дамир Незири и Ивана Петкуќеска. 

Фондацијата за демократија на Вестминстер (The Westminster Foundation for Democracy – WFD) е најголемата британска политичка фондација со тригодишен буџет од околу 35 милиони евра. 

Покрај главната канцеларија на фондацијата која што се наоѓа во Лондон WFD има и повеќе од 25 канцелари низ целиот свет, меѓу кои и во Македонија.

Click