Активности

Четврток, 13 јули 2017 година

Средба на претседателот Џафери со претставникот на УНИЦЕФ во Македонија, г. Бенџамин Перкс 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери оствари средба со новоименуваниот претставник на УНИЦЕФ во Република Македонија, г. Бенџамин Перкс. На почетокот на средбата претседателот Џафери му посака добредојде, успешна и плодна работа за време на неговиот мандат. 

Претседателот Џафери истакна дека Собранието на Република Македонија е подготвено да ја продолжи соработката со УНИЦЕФ во рамките на Меморандумот за соработка, со кој се овозможува интересите на децата да се земаат предвид при носењето на квалитетни законски решенија согласно Конвенцијата на ОН за правата на децата. 

Собранието на Република Македонија е отворено за соработка со партнерските организации на УНИЦЕФ, кои работат во областа на подобрување на правата и статусот на децата во општеството. 

Од своја страна, претставникот на Меѓународен фонд за деца при Обединетите нации за итни состојби, г. Бенџамин Перкс, истакна дека УНИЦЕФ ќе ги поддржи реформите неопходни за евроатлантската интеграција на Република Македонија, а кои се однесуваат на заштита и унапредување на правата на децата.  

За време на средбата, соговорниците разговараа за итните приоритети на оваа меѓународна организација во земјата, поврзани со прашањата за високата стапка на смртност кај децата, недоволната вклученост на децата во предшколското образование во однос на евроскиот просек, згрижувањето на децата без родители од најмала возраст, емиграцијата, како и состојбата на децата од заедницата на Ромите во државата.

На крајот на средбата, двајцата соговорници беа согласни дека дебатата во однос на овие прашања треба да продолжи и на ниво на матични работни тела и преку можноста за организирање на јавни расправи.