Активности

Вторник, 30 јуни 2015 година

Средба на претседателот Вељаноски со амбасадорoт на Италијанската Република за Република Македонија, Н.Е. Ернесто Масимино Белели  

На почетокот на средбата, соговорниците се осврнаа на учеството на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, на Конференцијата на претседатели на Парламенти, којашто се одржа во Рим во април годинава, при што претседателот Вељаноски ги повтори своите впечатоци од средбите на највисоко ниво, како и добрата организација на Конференцијата.

Амбасадорот Белели нагласи дека мултилатералната соработка е особено важна, но дека е потребно интензивирање на парламентарната дипломатија на билатерално ниво, односно зголемување на динамиката на средби и комуникација меѓу Парламентите на Италија и Македонија на сите нивоа.

На средбата стана збор и за изборот на нов генерален секретар на Парламентарното собрание на ОБСЕ, кој ќе се изврши во рамките на отворањето на годишната сесија на Парламентарното собрание на почетокот на јули годинава, каде што ќе учествува и Делегација од Собранието на Република Македонија.

Амбасадорот Белели истакна дека е запознаен со актуелната состојба во Собранието на Република Македонија и дека смета дека опозицијата треба да се врати во Собранието и тоа да продолжи со работа во полн капацитет, затоа што сите треба да покажат чувство на одговорност при разрешување на ситуацијата.  

Претседателот Вељаноски, согласувајќи се дека опозицијата треба да се врати што поскоро, ја истакна својата досегашна заложба по однос на ова прашање и нагласи дека ваквата политичка состојба штети најмногу на државата. 

Click