Активности

Среда, 26 февруари 2014 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ СО ПРАТЕНИЦИТЕ НА ГЕРМАНСКИОТ БУНДЕСТАГ, Г. ЈОХАНЕС ЗЕЛЕ И Г. ЈОСИП ЈУРАТОВИЌ

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, изрази задоволство од средбата и за можноста со колеги пратеници од германскиот Бундестаг да се разговараат за важни теми за Република Македонија и Европската Унија. Претседателот Вељаноски истакна дека соработката на двете држави се карактеризира со пријателство и разбирање, но и потреба од поголема парламентарна соработка. Таа соработка треба да биде на ниво на парламентарни групи, како и на ниво на претседатели на парламенти и за таа цел претседателот Вељаноски упати покана до својот германски колега, претседателот на германскиот Бундестаг, да ја посети Република Македонија.

Претседателот Вељаноски се осврна и на економската соработка која ја оцени за успешна после инвестирањето на германски компании во Република Македонија, што претставува добар пример и за други компании кои би ги насочиле своите инвестиции и би овозможиле побрз економски развој на Македонија.

На средбата се разговараше и за зачленувањето на Република Македонија во НАТО и Европската унија, за што претседателот Вељаноски искажа дека тоа се главни цели и приоритети на државата.

Исто така, на средбата стана збор и за наметнатиот спор од страна на јужниот сосед поради кој Република Македонија сè уште не е дел од овие две семејства.

Претседателот Вељаноски дополни дека реформите ќе продолжат и дека тие се прават за доброто на граѓаните на Република Македонија и за поголем економски напредок, за што претставува потврда и неодамнешната изјава на комесарот за економски прашања и монетарна политика, г. Оли Рен, во која посочи дека Република Македонија има втор најголем економски раст во Европа.

Пратениците од германскиот Бундестаг на средбата истакнаа дека се активни поддржувачи и лобисти на Република Македонија и на сите земји од регионот и ги следат сите реформи и развојот на интегративните процеси кон Европската унија.

Од страна на пратеникот Јоханес Зеле беше истакнато дека се согласува со потребата од зголемување на парламентарната соработка на двете држави и изрази благодарност за упатената покана до претседателот на германскиот Бундестаг да ја посети Република Македонија.

Пратеникот Јосип Јуратовиќ на средбата истакна дека спроведувањето на реформите и исполнувањата на условите се клучни за побрзата интеграција на Република Македонија, но и на регионот. Тој посочи дека Европската унија низ својот процес постојано работи на остварување на слободата, безбедноста и мирот во цела Европа. Европската унија пред сè претставува заедница на демократски вредности, а потоа заедница на економски интереси.

На средбата стана збор и за претстојните избори за претседател на Република Македонија и политичката состојба во земјата.

Click