Активности

Четврток, 4 јуни 2015 година

Средба на претседателот Вељаноски со претставници на ПС ОБСЕ 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, се сретна со специјалниот претставник на Парламентарното собрание на ОБСЕ за Југоисточна Европа, г. Роберто Батели и амбасадорот Андреас Нотеле, специјален претставник на Парламентарното собрание на ОБСЕ во Виена. 

На почетокот соговорниците изразија задоволство од средбата, која претставува одлична можност да се разменат мислења и ставови, што е од големо значење за Република Македонија.

На средбата се разговараше за актуелните случувања во државата, можните исходи од моменталните политички случувања, како и за тековните активности на Собранието на Република Македонија и посветеноста на Република Македонија во остварување на реформите за што поскоро отпочнување на пристапните преговори за влез во Европката унија и НАТО.

Претседателот Вељаноски го поздрави постигнатиот договор помеѓу лидерите на политичките партии за надминување на несогласувањата и изрази надеж дека наскоро Собранието ќе почне да функционира во полн состав, бидејќи работата на Собранието и неговиот придонес во функционирањето на една држава, е од исклучително значење. 

Соговорниците се согласија дека политичката дебата треба да се одвива во Собранието, бидејќи собраниската говорница е најдобар инструмент преку кој може да се изразат мислењата и ставовите и затоа опозицијата треба конструктивно да учествува во работата на Собранието.

Специјалниот претставник на Парламентарното собрание на ОБСЕ за Југоисточна Европа, г. Роберто Батели, истакна дека е потребно да се имплементира договорот кој политичките партии го постигнаа во посредство со комесарот Хан, особено забелешките во однос на Избирачкиот список, за да се избегнат бројни шпекулации во иднина. Потребно е да се работи на тоа граѓаните да ја вратат довербата во институциите, а ова е клучен момент во таа насока.

На крајот на средбата, соговорниците изразија надеж дека сите засегнати фактори ќе дадат позитивен импут за подобрување на политичката клима во државата. 

Click