Активности

Вторник, 16 септември 2014 година

Тринаесетта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на вчерашната 13. седница, како матично работно тело, во прво читање ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за дополнување на Законот за продажба на становите во општествена сопственост;
  2. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост.              

Воведно образложение по поднесените Предлог-закони даде заменикот на министерот за финансии, г. Ардиан Џељадини.

Во однос на Предлогот на закон за дополнување на Законот за продажба на становите во општествена сопственост тој истакна дека согласно Законот, сопственикот на станот не може да го продаде станот на лицето кој е носител на станарското право, доколку сопственикот на станот го стекнал истиот по основ на таканаречените присилни прописи. Ваквото законско решение е пречка граѓаните да го остварат правото на откуп на станот дури и во случаи кога се работи за стан за кој воопшто не е поднесено барање за враќање во постапки за денационализација, било пред првостепените комисии или судска постапка. 

Со предложената дополна на Законот ќе се овозможи продажба на становите стекнати по т.н. присилни прописи за кои од страна на поранешните сопственици не е поведена постапка за денационализација, односно е поведена постапка за денационализација или судска постапка за враќање на имот која завршила со правосилен акт согласно кој станот не е вратен на поранешниот сопственик. Донесувањето на Законот за дополнување на Законот за продажба на становите во општествена сопственост е со цел да се овозможи носителите на станарско право да ги откупат становите кои се одземени со таканаречените „присилни прописи“, а за кои воопшто не се поведени постапки за денационализација било пред првостепените комисии или судска постапка, односно е поведена постапка за денационализација или судска постапка за враќање на имот која завршила со правосилен акт согласно кој станот не е вратен на поранешниот сопственик. Основно решение на предложениот Закон е да се даде законски основ за продажба на становите во општествена сопственост стекнати по основ на таканаречени „присилни прописи“, доколку за истите не е поведена постапка за денационализација, односно е поведена постапка за денационализација или судска постапка за враќање на имот која завршила со правосилен акт согласно кој станот не е вратен на поранешниот сопственик.

Додека со измените и дополнувањата на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост тој истакна дека сe дополнува постојниот член 6 според кој  градежното земјиште што е во општа употреба (јавни плоштади, улици, сообраќајници, паркови и јавно сообраќајни површини) и градежното земјиште што со актите за урбанистичко планирање со кои се утврдува градежната парцела е наменето за добро во општа употреба е во државна сопственост и не е предмет на приватизација. Се прави исклучок за поранешните сопственици и физичките и правни лица кои за стекнатото право на користење платиле надоместок  да можат да го приватизираат земјиштето кое со актите за урбанистичко планирање  е наменето за добра во општа употреба, а не е реализирано, односно се овозможува на таквото градежно земјиште  да се стекне право на сопственост доколку намената на таквото градежно земјиште не е реализирана.

Во дискусијата учествуваa пратениците: Драган Данев, Марјанчо Колевски, Владанка Авировиќ и Крсто Мукоски. 

На крајот од расправата, Комисијата едногласно заклучи дека Предлог-законите се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.

Click