Активности

Сабота, 10 јуни 2017 година, Загреб

Учество на пратеникот Адеми на 4. пленарна сесија на ПС на ПСЈИЕ

Пратеникот г. Џеват Адеми учествува на Четвртата пленарна сесија на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПС на ПСЈИЕ), што се одржува од 8 до 10 јуни 2017 година во Загреб, Република Хрватска. На сесијата учествуваат пратеници од 13 земји учеснички во Процесот и од меѓународните парламетарни собранија – партнери на ПС на ПСЈИЕ.

Во своето воведно обраќање, г. Гордан Јандроковиќ, претседател на Хрватскиот парламент и на ПС на ПСЈИЕ, се осврна на активностите во рамките на Хрватското претседателство со Процесот, истакнувајќи дека Хрватска и понатаму силно го поддржува проширувањето на ЕУ и НАТО и останува вистински посветена на европската перспектива и иднина на земјите од Југоисточна Европа.

Во дебатата на тема: „Поврзаност – соработка - комуникација: патот напред“ учествуваше и пратеникот г. Џеват Адеми. Тој нагласи дека поврзаноста, соработката и комуникацијата меѓу земјите од регионот остануваат главните претпоставки за успешен политички и дипломатски дијалог во рамките на Процесот, како и за зацврстувањето на стабилноста, понатамошната демократизација, зголемувањето на економскиот развој и продлабочувањето на трговските врски. Токму затоа, во иднина треба да се  стави фокус на конкретни економски и инфраструктурни проекти, паралелно со забрзувањето на процесот на европска интеграција и зајакнувањето на владеењето на правото.

Господинот Џеват Адеми се осврна и на состојбата во Република Македонија, изразувајќи уверување дека со изборот на Владата, како израз на новото парламентарното мнозинство, ќе се обезбеди брзо и одржливо надминување на политичката криза во земјата. Со цел за подобрување на регионалниот развој и стабилност, неопходно е да се засили соработката со соседите во сите области, преку засилено учество и влијание во регионалните иницијативи.

Истовремено, г. Адеми истакна дека Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, кое се потпира на столбовите на регионална сопственост, солидарност и инклузија, преставува одличен форум за размена на мислења и споделување на искуства на овој план.

На крајот на сесијата, Парламентарното собрание усвои Финална декларација, во која се потврдува посветеноста кон процесот на европската и евроатлантската интеграција на учесниците во ПСЈИЕ и важноста на проширувањето на ЕУ, како механизам за обезбедување на мирот, стабилноста и безбедноста во регионот. Членовите на Парламентарното собрание се согласија да ја зголемат отворената и директна комуникација меѓу парламентите, како и да продолжат да ги зацврстуваат добрососедските односи и соработка во ЈИЕ, со цел регионот да се трансформира во област на консолидирани демократски институции, економски раст и зголемена благосостојба.

На сесијата беше усвоена Програмата за работа 2017/2018 година, како и извештаите и резолуциите на трите комисии на ПС на ПСЈИЕ, на следниве теми: „Безбедносните предизвици во ЈИЕ – регионален одговор“, „Енергетската зависност во ЈИЕ“ и „Соработка во високото образование“.

Оваа пленарна сесија е последниот настан што се одржува во рамките на Хрватското парламентарно претседателство со Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Од 1 јули 2017 година, претседателството со Процесот го презема Република Словенија.

Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, во кое членуваат парламентите на земјите на Југоисточна Европа: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Македонија, Молдавија, Романија, Словенија, Србија, Турција, Хрватска и Црна Гора своите цели и задачи ги базира на принципите на регионална сопственост и европска интеграција. Парламентарното собрание игра значајна улога во промовирањето на парламентарното учество и олеснувањето на интерпарламентарниот дијалог и соработка во регионот, како и во поттикнувањето на процесот на интеграција во Европската унија.