Активности

Четврток, 30 октомври 2014 година

Заклучоци од Јавната расправа на тема: „Значењето и улогата на дијаспората за Република Македонија-политички и економски аспекти"

Од Јавната расправа „Значењето и улогата на дијаспората за Република Македонија -политички и економски аспекти", одржана на 29 октомври 2014 година, во Собранието на Република Македонија, во организација на Комисијата за надворешна политика, произлегоа следните Заклучоци:

1. Иселениците од Република Македонија без разлика на нивната национална припадност, како и македонскиот народ во соседните земји претставуваат нераскинлив дел од Република Македонија и се значаен фактор во политичкиот и економскиот развој на земјата; 

2. Имајќи ги предвид одличната бизнис-клима и поволностите за инвестирање во Република Македонија, иселениците од дијаспората се поттикнуваат да инвестираат во земјата, а надлежните институции да работат на развивање на национална стратегија за трансформација на странските дознаки во стопански и развојни проекти;

3. Напоменуваме дека потенцијалот на дијаспората не е само економски, туку е богат и со човечки ресурси, луѓе со стекнати вештини, образование, успешни кариери, и се препорачува до надлежните државни институции и стопанствениците да го искористат овој потенцијал кој е важен во процесот на пренос на знаење и технологија; 

4. Ценејќи ја важноста од учеството во политичкиот живот на иселениците во Македонија, особено битно е понатамошното поедноставување на изборниот процес во дијаспората со цел помасовно искористување на правото на глас;

5. Од особена важност е проширувањето и зајакнувањето на меѓуинституционалните врски помеѓу иселениците и дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија;

6. Во ДКП-ата на Република Македонија во кои има голем број на поднесени барања за издавање на патни исправи, препорака е во истите да се постават постојани базни станици сè со цел поефикасно добивање на пасоши на Република Македонија. Од особена важност е олеснувањето на процедурата за стекнување на државјанство за потомците на иселениците од Република Македонија од втората, третата и четвртата генерација;

7. Зачувувањето на македонскиот јазик и мајчиниот јазик на иселениците од другите заедници во дијаспората е приоритет и треба да се вложат дополнителни напори за нивно изучување кај младите генереации иселеници;

8. Тргнувајќи од меѓународните стандарди и препораки утврдени од страна на Комитетот на Обединетите нации за расна дискриминација, Советот на Европа, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Европскиот суд за човекови права кои се однесуваат на правото на определување и слободно изразување, правото на изучување на мајчиниот јазик, правото на сопственост, правото на политичко и културно организирање,  повикуваме овие права да се почитуваат во сите држави во кои живеат иселениците од Република Македонија без разлика на нивната национална припадност, како и за македонскиот народ во соседните земји;

9. Со заклучоците од јавната расправа на Комисијата за надворешна политика да бидат запознати Собранието на Република Македонија и Владата на Република Македонија.

10. Заклучоците од јавната дебата да се објават на интернет страницата на Собранието на Република Македонија за да бидат достапни до пошироката јавност.  

Click