Соопштенија

Четврток, 3 јули 2014 година

Пратеникот Александар Николоски набљудувач на парламентарните избори во Босна и Херцеговина и во Бугарија

Пратеникот Алексндар Николоски, шеф на македонската делегација и потпретседател на мониторинг комитетот од име на Групата на европски народни партии е назначен за член на две Ад хок комисии на Парламентарното собрание на Советот на Европа и ќе ги набљудува парламентарните избори во Босна и Херцеговина закажани за 12 октомври 2014 година, како и предвремените парламентарни избори во Бугарија оваа есен.

Парламентарното собрание на Советот на Европа во 1974 година, за прв пат, учествуваше во набљудувањето на изборниот процес и оттогаш е значаен фактор за воспоставувањето институционално парламентарно набљудување на изборите во Европа, и е првата институција која почитувањето на принципите за слободни и фер избори го постави како услов за членство. Оваа институција, исто така, игра клучна улога во развивањето на межународната соработка на ова поле и создава таканаречено европско изборно наследство.

За набљудувањето на изборите Парламентарното собрание на Советот на Европа има утврдени прописи кои се однесуваат на почитувањето на принципите на демократијата, плурализмот и на правото на слободни избори.

При набљудување на изборите се земаат предвид и техничката и политичката природа на процесот. Техничкото набљудување се фокусира на адекватноста на корпусот на закони според кои се одвиваат изборите, а се мониторира и политичкиот амбиент во кој се одвиваат изборите.

За таа цел, членовите на Ад-хок комисиите за набљудување на изборите имаат средби со изборните органи, претставниците на политичките партии застапени во Парламентот, како и со претставници на гражанското општество и медиумите, пред набљудувањето на денот на гласањето.

За член на мисија за набљудување на избори може да биде избран само пратеник од држава која спроведува високо демократски и слободни избори, со што изборот на Александар Николоски е и признание за Република Македонија.

Пратеникот Александар Николоски, исто така, беше член на Ад-хок комисиите за набљудување на парламентарните избори во Бугарија и претседателските избори во Азербејџан во 2013 година.

Спроведувањето на слободни, фер и демократски избори се смета за израз на демократскиот капацитет на една држава.

Click