Соопштенија

Среда, 20 мај 2015 година

Седница на Парламентарниот комитет на ЦЕИ на тема: „Значењето на макро-регионалните стратегии на ЕУ како можност за прекугранична соработка меѓу земјите-членки на ЦЕИ: Улогата на парламентите“

Во рамките на македонското претседавање со Централноевропската иницијатива (ЦЕИ), на 20 мај 2015 година во Собранието на Република Македонија ќе се одржи седница на Парламентарниот комитет на ЦЕИ на тема: „Значењето на макро-регионалните стратегии на ЕУ како можност за прекугранична соработка меѓу земјите-членки на ЦЕИ: Улогата на парламентите“. 

Домаќин на оваа активност е Делегацијата на Собранието на Република Македонија во ПД на ЦЕИ, чиј шеф е пратеникот г. Александар Николоски, членови се пратениците г. Емил Димитриев и г. Мирван Џемаили, а заменици-членови се пратениците г. Сашо Василевски, г-ѓа Лилјана Затуроска и г. Газменд Алији. 

Во рамките на програмата за седницата, предвидени се воведни обраќања на г. Александар Николоски, шеф на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во ПД на ЦЕИ, г. Трајко Вељаноски, претседател на Собранието на Република Македонија, г. Владимир Пешевски, потпретседател на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и г. Ерик Церновиц, заменик-генерален секретар на ЦЕИ. Во вториот дел од седницата, предвидени се обраќања на г-ѓа Драгана Кипријановска, заменик-министер за надворешни работи на Република Македонија и г. Антонијо Милошоски, потпретседател на Собранието на Република Македонија и претседател на Комисијата за надворешна политика.

На седницата најавено е учество на делегации од парламентите на Австрија, Италија, Полска, Чешката Република, Унгарија, Србија и Украина. 

ЦЕИ е најстара регионална организација во која членуваат земји од регионот на Западен Балкан и поширокото соседство,  вклучувајќи  ја и Република Македонија која е членка уште од 1993 година под нејзиното уставно име. Ова е второ претседателство на Република Македонија за период од 13 години, што ја покажува нејзината посветеност во негувањето на добрососедските односи, интересот за учество во регионалните проекти кои носат добробит за сите граѓани од овие простори, како и подготвеноста да биде значаен и рамноправен партнер во севкупните европски и евро-атлантски процеси.

Република Македонија во континуитет дава поддршка на ЦЕИ како регионална иницијатива и ЦЕИ има посебно значење за Република Македонија, заради тоа што се уважува и слободно користи нашето уставно име. Република Македонија истовремено смета дека односите на ЦЕИ со Европската унија треба да бидат редовни и да ја следат основната насока на комплементарност на целите на Иницијативата и перспективите што ги отвора Европската унија. Република Македонија се залага и за одбегнување на дуплирањата во планирањето на проектите, а придава особено значење на оние кои поттикнуваат непосредни контакти меѓу граѓаните во различни области. На репозиционирањето на ЦЕИ како регионален концепт, се гледа како на можност членките за остварување на комуникација и соработка на оние полиња кои не се покриени со други иницијативи, како што се културата, истражувачката дејност, прекуграничната стопанска соработка, инфраструктурните проекти, туризмот и медиумите. 

Имајќи предвид дека клучната цел на Парламентарната димензија на ЦЕИ е подобрување на соработката меѓу парламентите, се очекува во рамките на Македонското претседателство со ЦЕИ да се даде поттик кон зајакнувањето на севкупната соработка меѓу парламентите на земјите-членки на организацијата.  



Click