Соопштенија

Вторник, 17 ноември 2015 година

Собраниска делегација на Интерпарламентарен семинар во Брисел

Во организација на Европскиот парламент, а во соработка со Европскиот народен правобранител, на 18 и 19 ноември 2015 година, во Брисел, Белгија, ќе се одржи Интерпарламентарен семинар на тема „Улогата на народниот правобранител во модерната парламентарна демократија: регионална перспектива“.

На семинарот ќе учествува Делегација од Собранието на Република Македонија во состав: г. Владимир Ѓорчев, претседател на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците,  г. Емил Димитриев, член на Комисијата, г. Ернад Фејзула, член на Комисијата и г-ѓа Рената Дескоска, член на Комисијата.

Интерпарламентарниот семинар се очекува да биде отворен од г-ѓа Емили О’Рејли, европски народен правобранител.

Во рамките на програмата, првиот ден предвидено е да се отвори дискусија за одговорноста на институциите на Европската унија и улогата на народниот правобранител, механизми и извори за ефикасна институција народен правобранител, eвропската мрежа на народни правобранители и нејзина еволуција како релациите на народниот правобранител кон граѓанското општество и широката јавност.  

На вториот ден на семинарот се очекува да се дебатира за анализи на погрешни практики, различни институции и комплементарни улоги, улогата на парламентарниот надзор над спроведувањето на законот и влијанието на народниот правобранител, како и развивање на добра административна поддршка во процесот на пристапување кон Европската унија.

На претстојниот парламентарен семинар ќе учествуваат европратеници, претставници од парламентите на земјите на Западен Балкан и Република Турција, претставници од Европската комисија, европски народни правобранители, народни правобранители од земјите во процес на пристапување кон Европската унија и експерти, со цел да ги споделат регионалните искуства и видувањата за идните предизвици во овој домен, со акцент на размена на информации меѓу учесниците. 


Click