Соопштенија

Понеделник, 19 јуни 2017 година

Собраниска делегација во Брисел на Интерпарламентарна конференција

Во рамките на Програмата за поддршка на парламентите од земјите на Западен Балкан и Турција, во организација на Европскиот парламент, на 19 и 20 јуни 2017 година во Брисел, Кралството Белгија, ќе се одржи Интерпарламентарна конференција на тема: „ЕУ законодавен процес - од законодавна иницијатива до имплементација и мониторинг". 

На конференцијата ќе учествува делегација од Собранието на Република Македонија, во состав: г. Бетиане Китев, г-ѓа Шпреса Хадри, г. Илија Димовски и г. Африм Гаши, пратеници во Собранието на Република Македонија. 

Конференцијата ќе биде во фокусот на ЕУ законодавниот процес, со особен акцент на улогата на парламентарните комисии како алатки за зајакнување на надзорната улога на законодавната власт наспроти извршната власт. Исто така, ќе се разгледуваат најдобрите законодавни практики на Европскиот парламент, со цел да најдат своја примена во националните парламенти.

На претстојната Интерпарламентарна конференција се очекува учество на европратеници и членови на различни комисии во рамките на Европскиот парламент, како и учество на претставници од парламентите на земјите на Западен Балкан и Турција, со цел да ги споделат регионалните искуства и видувањата за идните предизвици во овој домен.