ЕУ вести

Понеделник, 30 октомври 2017 година

„Сахаров“ за Демократската опозиција на Венецуела  

Демократската опозиција на Венецуела е овогодинешен добитник на наградата „Сахаров“, која ја доделува Европскиот парламент за слобода на мислата. 

„Со доделувањето на наградата Сахаров за слобода на мислата на Демократската опозиција во Венецуела, ја потврдуваме нашата непоколеблива поддршка на демократски избраното Национално собрание на Венецуела. Исто така, повикуваме на мирен транзит кон демократијата, која венецуелскиот народ очајно ја посакува“, истакна претседателот на Европарламентот, г. Антонио Тајани. 

„Оваа награда не само што ја признава храбрата борба на Демократската опозиција на Венецуела, туку Европскиот парламент, исто така, сака да му оддаде почит на венецуелскиот народ, на сите оние кои биле неправедно затворени за изразување на своето мислење, на оние кои се бореле за да преживеат секојдневно поради бруталниот режим, на оние семејства во жалост, бидејќи тие ги изгубија саканите во месеците со непрекинати протести за слобода“, додаде првиот европарламентарец.

Бројот на политички затвореници во Венецуела е повеќе од 600, од почетокот на годината на улични протести биле убиени повеќе од 130 луѓе, а над 500 се затворени - се вели во последниот извештај на Феро Канал Венеколано (Венецуелски казнен форум).

Наградата „Сахаров“, која се состои од сертификат и 50.000 евра, ќе биде доделена на 13 декември за време на церемонијата во европскиот законодавен дом во Стразбур.

„Сахаров“ е награда именувана во чест на советскиот физичар и политички дисидент Андреј Сахаров, а се доделува од 1988 година во чест на поединци и организации кои ги бранат човековите права и основните слободи.