Собраниско раководство

Петок, 25 мај 2018 година

Други средби на претседателот Џафери на официјалната посета на Република Србија

Официјалната посета во Република Србија на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери и членовите на Пратеничката група за соработка со Собранието на Република Србија, продолжи според однапред предвидената програма и согласно истата беа остварени уште неколку други средби. 

Првата беше со потпретседателот на Народното Собрание на Република Србија, проф. Владимир Маринковиќ кој беше во придружба на членовите на Пратеничката група за соработка со Собранието на Република Македонија. Средбата се одвиваше во срдечна и пријателска атмосфера што сведочи за блискоста и заедничките врски на двете соседни земји кои имале заедничко минато во блиската историја. Соговорниците заеднички констатираа дека постои желба  за взаемна соработка и искористување на сите потенцијали и ресурси за континуирано унапредување на меѓусебните односи на двете пријателски и соседни земји, а со тоа би се охрабрил и поттикнал просперитетот на двете држави, меѓутоа и на регионот. Добра основа за постигнување на оваа цел е продолжувањето на практиката на одржување на заеднички седници на двете влади на кои би се разгледувале прашања кои се од интерес за развојот на двете земји. Претседателот Џафери истакна дека двете земји мораат да промовираат добрососедски односи и да настапуваат заеднички таму каде што имаат исти приоритети, како што е членството во ЕУ и заеднички да аплицираат пред трети страни за привлекување на инвестиции за напредокот на регионот.

Втората средба на претседателот на Собранието на Република Македонија беше со претседателката на Интерпарламентарната Унија, г-ѓа Габриела Куевас Барон која беше во Белград во рамките на Регионалниот семинар на ИПУ на тема „Парламентарна соработка за одржлив развој: Борба против сиромаштијата и унапредување на здравството“. Претседателот Џафери присуствуваше на отворањето на семинарот на кој што  беа присутни и пратениците од Собранието на Република Македонија.  На почетокот на средбата со г-ѓа Барон, г. Џафери изрази задоволство што на чело на ИПУ е жена и искрено и честиташе за тоа а во продолжение ја информираше за преземените чекори во Собранието во насока на подобрување на застапеноста на жените во политиката и за конкретниот резултат од тие чекори, односно постигнување на 40% застапеност. Друг конкретен чекор во позитивна насока е и заложбата Собранието на Република Македонија сериозно да се реактивира во сите меѓународни организации затоа што тоа се форуми на кои се воспоставуваат директни контакти и соработки помеѓу парламентарците а парламентарната дипломатија е најдобриот начин за тоа. Во тој контекст, претседателот Џафери понуди Собранието на Република Македонија да биде домаќин на некој од следните регионални семинари на ИПУ за теми кои би се договориле во текот на следниот период.

Претседателката Барон се заблагодари на честитките и поддршката за нејзината кандидатура и зборуваше за нејзините приоритети во однос на ИПУ, унија која е родена на Балканот, а тоа се: модернизирање на ИПУ и изнаоѓање на начин за вклучување и на земјите кои што не се членки на ИПУ со поднесување на амандмани за кои би се дебатирало на следната сесија. Идејата за проширување на групата 12 плус а Македонија да биде земја кандидат, за неа беше добредојдена а ја поздрави и идејата Македонија да биде домаќин на следен регионален семинар, бидејќи за неа е битно Македонија да биде секогаш активна во ИПУ. 

На крајот на официјалната посета на Република Србија, претседателот Џафери ја посети општина Прешево каде што беше топло пречекан од градоначалникот на општина Прешево, г. Шќиприм Арифи, претседателот на општинскиот совет, г. Сами Салиху и целото општинско раководство. На средбата, претседателот Џафери ги информираше соговорниците за најновите податоци во однос на иницијативата за отворање на граничниот премин Миратовци – Лојане, што е суштинска потреба на локалното население од двете страни на границата кое се соочува со тешкотии при извршување на своите секојдневни потреби. Се очекува ова горливо прашање да биде една од точките на наредната заедничка седница на владите на двете држави. Градоначалникот Арифи го информираше претседателот Џафери за меѓуграничната соработка на општина Прешево и неколку општини од Македонија со кои соработуваат и заеднички настапуваат за добивање на ИПАРД фондови. 

Покрај одржаните средби во Република Србија, претседателот Џафери даде интервјуа за неколку медиумски куќи како што се РТС, N1, БЕТА телевизија и други медиуми. Со тоа се заокружи официјалната посета на Република Србија. 

Click