Собраниско раководство

Четврток, 15 ноември 2018 година 

Обраќање на претседателот Џафери на тркалезната маса за ревизија на финансирањето на политичките партии и изборните кампањи, организирана од Државниот завод за ревизија на Република Македонија

Почитувана заменик министерка Елези,
Почитуван амбасадор Жбогар,
Почитувани претставници на Државниот завод за ревизија на Република Македонија, Република Бугарија и Република Хрватска,  
Почитувани медиуми,

На самиот почеток, дозволете да го изразам моето задоволство што денес сум овде со вас на оваа тркалезна маса која Државниот завод за ревизија на Република Македонија ја организира во рамките на Твининг проектот за „Понатамошно зајакнување на капацитетите и ефикасноста на Државниот завод за ревизија за вршење на надворешна ревизија “ и на која ќе се презентираат резултатите од анализата на регулативата за финансирањето на политичките партии и изборните кампањи.

Морам да истакнам дека ова е втор пат како учествувам на вакви презентации на анализи на регулативи и нивното влијание и за мене ова е индикатор дека се менуваме како општество, се менува нашата перцепција кон консултирањето на експертското мислење, кон истражувањето на јавното мислење за регулативите и со самото тоа, и перцепцијата на граѓаните во однос на институциите, односно, нивната доверба во транспарентноста на институциите.

Финансирањето на политичките партии и изборните кампањи е прашање кое ги засега и високо развиените демократски држави со  функционални институции бидејќи и тие не се имуни на можноста за злоупотреба на државните средства и средствата од други извори, и токму затоа се и предмет на перманентна контрола од страна на ревизорските институции кои уживаат голема доверба и углед во светот а и кај нас, бидејќи, се покажаа како многу ефикасни и јас би рекол  вистински чувари на нашите пари, односно на парите на граѓаните, кои на овој или на оној начин влегуваат легално во државната каса.

Следствено на нашето залагање за хармонизација на нашето законодавство со европското, во 2010 година беше донесен новиот закон со кој се уредува работењето на оваа институција која кај нас од почетокот на своето функционирање па се до денес, а верувам и понатака, со своето работење се етаблира во високо професионална и независна државна институција која многу ефикасно ги остварува своите законски обврски и надлежности. Во новиот закон беа инкорпорирани директивите и препораките на Европската унија, како и позитивните практики од европските држави и тоа се гледа јасно на веб страницата на оваа институција, на која може да се забележи дека има воспоставено и развиено одлична соработка со многу ревизорски институции од Европа а и од регионот, и таа соработка ја развива во насока на перманентно праќање на вработените на обуки, со реализирање на многу заеднички твининг програми, како што е и оваа денешнава и за тоа, ви честитам!

Дами и господа,

Собранието е исто така една од институциите во корелација со Државниот завод за ревизија, поточно, со која има потпишано Меморандум за соработка кој што ја дава законската рамка за таа заедничка соработка чија што крајна цел, секако е граѓанинот. Понатаму, со погоре споменатиот закон, односно со Член 23 од Законот, Државниот завод за ревизија е должен до го достави до Собранието на Република Македонија својот план за работење најдоцна до декември тековна година, заради информирање на законодавниот дом. Во Член 33 исто така јасно е наведено дека, Државниот завод за ревизија изготвува Годишен извештај кој мора да го достави до Собранието најдоцна до 30-ти јуни а Собранието е должно да расправа по овој извештај и по истиот да донесе заклучоци. И секако, би го спомнал член 34 според кој Државниот завод за ревизија е должен на крајот на секоја фискална година а пред усвојувањето на завршната сметка на Буџетот на Република Македонија, да изготви ревизиски извештај за Буџетот и истиот да го достави до Собранието. Ова е што се однесува на првата функција на Собранието меѓутоа втората, и јас би рекол исто толку значајна функција е надзорната функција која се спроведува преку одржување на надзорни расправи на кои се расправа врз основа на годишниот, но и поединечните извештаи доставени од Заводот и тие надзорни расправи се во функција на поголема транспарентност, отчетност, законитост и ефикасност во користењето и трошењето на буџетските средства, односно, на парите на граѓаните.

Дами и господа,

Јас лично, како претседател на Собранието а верувам и пратениците од овој мандатен состав, и при тоа не мислам само на парламентарното мнозинство туку на сите пратеници, сакаме уште поголема и поефикасна соработка со Државниот завод за ревизија, но и со сите други институции.  Со тоа, ги јакнеме демократските процеси во државата, го јакнеме владеењето на правото и правната држава и во исто време расте и довербата на граѓаните во државните институции. Без овие стандарди, не можеме да зборуваме за вистинска функционалност и самостојност на сите државни институции.

На крај, дозволете ми да ви посакам успешна работа и уште еднаш да истакнам дека, Државниот завод за ревизија на Република Македонија е многу добар и успешен пример за функционална и независна институција, која работи исклучиво според законите и во корист на граѓаните и општеството во целост. Имајќи ги во предвид позитивните чекори кои ги направивме во процесите на нашето членство во НАТО и ЕУ, да потсетам дека скрининг програмата од Брисел е веќе започната, апелирам вашиот пример да го следат и другите институции, ако навистина сакаме успешен и релативно оптимален рок за наше членство во евроатланските организации.

Ви благодарам.

Click