Собраниско раководство

Вторник, 25 јули 2017 година

Средба на претседателот Џафери со азербејџанскиот амбасадор Багиров

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери денеска се сретна со вонредниот и ополномоштен амбасадор на Република Азербејџан  во Република Македонија, г. Фаик Багиров. 

Претседателот Џафери изрази задоволство за реализација на средбата со претставник на земја пријател и поддржувач на Република Македонија, со која се воспоставени билатерални односи уште од 1995 година под уставното име и за поддршката на Република Азербејџан на билатерално и мултилатерално ниво. Беше изразен интерес за интензивирање на билатералните контакти на сите нивоа, вклучително и на парламентарно ниво, имајќи го предвид фактот што во Националното собрание на Азербејџан има воспоставено парламентарна група за соработка со Парламентот на Република Македонија, како и во повеќе области како енергетика, туризам, зголемување на трговската размена и други области од заемен интерес за двете држави. 

Во однос на барањето упатено до шефот на нашата Делегација во ПС на ОБСЕ од страна на потпретседателот на ПС на ОБСЕ, г. Азај Ѓулиев, за потпишување на Протокол за формирање на „Група за поддршка на Патот на свилата" во рамките на ПС на ОБСЕ, а која ја потпишаа сите земји кои беа присутни на состанокот во Минск, претседателот Џафери го информираше соговорникот дека поради немање парламентарна делегација на состанокот, документот не беше потпишан од наша страна и дека истото ќе биде направено на следниот состанок на ПС на ОБСЕ во Андора.

Амбасадорот Багиров му упати честитки на претседателот Џафери за неговиот избор и му врачи писмо од претседателот на Националното собрание на Азербејџан, г. Октај Асадов со официјална покана за посета. Република Азербејџан е меѓу првите држави што ја признаа Република Македонија под уставното име и во континуитет ја искажува поддршката за негување и интензивирање на билатералните односи и за зголемување на заемната економска соработка.

Click