Собраниско раководство

Вторник, 12 септември 2017 година

Средба на претседателот Џафери со претседателот на Државниот збор на Република Словенија, д-р Милан Брглез

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари средба со претседателот на Државниот збор на Република Словенија, д-р Милан Брглез. Ова е прва официјална посета на Република Македонија од страна на претседател на Парламент во овој пратенички состав.

На почетокот на средбата, двајцата соговорници изразија големо задоволство од можноста да се сретнат и да разговараат за актуелните предизвици со кои се соочуваат двете соседни земји. 

Во текот на средбата претседателот Џафери го информираше претседателот на Државниот збор на Република Словенија, д-р Милан Брглез, за работата на Собранието, претстојните локални избори, како и динамиката за спроведување на Планот 3-6-9.

Во однос на билатералната соработка, соговорниците се согласија дека истата е добра, но и дека може да биде продлабочена и проширена, особено во доменот на парламентарната дипломатија. Двата парламенти соработуваат во рамките на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПС на ПСЈИЕ), со кое во моментов претседава Република Словенија, а кое воедно претставува  важен форум за јакнење и проширување на регионалната соработка.

На средбата беше истакнато дека Република Словенија континуирано ја поддржува Република Македонија во процесот на евроатланските интеграции, бидејќи целосната интеграција на регионот придонесува во зајакнувањето на стабилноста во регионот, мирот и просперитетот.

Меѓу другото, соговорниците се осврнаа и на мигрантската криза, состојбата и мерките што ги презема Република Македонија заедно со земјите партнери, меѓу кои е и Република Словенија.

Претседателот Џафери се заблагодари  за поддршката на Република Словенија на Република Македонијан како на регионаленн така и на меѓународен планн и истакна дека Република Македонија е секогаш подготвена да ја поддржи Република Словенија во нејзините чекори.

На крајот на средбата, двајцата претседатели се согласија дека ваквите средби се позитивен пример и се особено значајни за идно продлабочување на соработката и натамошно подобрување на вкупните односи меѓу двете држави на сите полиња.

Click