Собраниско раководство

Петок, 30 ноември 2018 година

Неформална средба на претседателот Џафери со претставниците на медиумите

На денешната редовна средба со претставниците на средствата за јавно информирање, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, информираше дека од утре почнува собраниската дебата за текстот на нацрт уставните амандмани.

Според Деловникот, расправата може да трае најдолго дванаесет дена, односно по три дена за секој амандман поединечно, но Џафери реално очекува дека овој дел од постапката ќе заврши во покус рок. По ова, следат пет дена јавна расправа за која е задолжен предлагачот на нацрт амандманите, по што Владата има два дена да ги сублимира резултатите од расправата и да достави до претседателот на Собранието предлог на амандманите на Уставот, со образложението и извештајот за резултатите од јавната расправа. Претседателот на Собранието, амандманите ги доставува до пратениците во Собранието, до претседателот на Републиката и до Владата, најдоцна 30 дена пред одржувањето на седницата на Собранието. По затворање на амандманската расправа, се пристапува кон гласање а за изгласување е потребно двотретинско мнозинство или, 80 пратенички гласови.

Претседателот Џафери, информираше и за тоа дека во Комисијата за финансирање и буџет започна расправата за Буџетот за 2019 година, и дека 27-ми декември е ден резервиран за пленарна седница на која ќе бидат поставувани пратенички прашања. Информираше дека Претседателот на Република Македонија, сè уште нема доставено писмено барање за да се обрати пред законодавниот дом, како што е пропишано во Деловникот за работа на Собранието. Претседателот Џафери повтори дека и понатака останува на својот принципиелен став, а тоа е, поради функцијата да не учествува во Интерпартиската парламентарна група за помирување, реформи и интеграција меѓутоа, останува секогаш отворен за медиумите, со кои има иста мисија. 

Click