Собраниско раководство

Среда, 20 декември 2017 година, Тирана

Средба на претседателот Џафери со претседателот на Република Албанија, г. Илир Мета 

Во продолжение на официјалната посета во Република Албанија на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери и делегацијата што го придружува, се оствари средба со претседателот на Албанија, г. Илир Мета. Средбата се одвиваше во пријатна и топла атмосфера, што е знак на одличните билатерални односи меѓу двете соседски земји кои немаат помеѓу себе отворени прашања и тоа беше заедничка констатација на обострано задоволство на двете страни. 

Двајцата соговорници беа едногласни во однос на продолжувањето на ваквите односи на високо ниво и во иднина, со тоа што тие ќе се зајакнат и продлабочат помеѓу законодавната, извршната и судската власт во земјите, на што претседателот Мета додаде дека таквата соработка треба да ги вклучи меѓуграничната соработка, соработката на ниво на општини, како и економската соработка во целина. Претседателот на Република Албанија, г. Мета, истакна дека Република Албанија која е членка на НАТО, е силен поддржувач на Република Македонија за полноправно членство во оваа безбедносна структура, при што се согласи дека приоритетна задача за Република Македонија во наредниот период е спроведувањето на реформите и градењето на добрососедските односи со сите соседи, нешто што е клучно не само за стабилноста на земјата, туку и за регионот во целина. 

Во овој контекст, претседателот Џафери го информираше г. Мета за актуелната политичка состојба во Република Македонија, истакнувајќи дека сме насочени на градење на вистинско граѓанско општество со користење на демократските механизми што се на располагање во рамките на Уставот и важечките  закони во Македонија, на спроведување на реформските процеси кои се клучни за интеграцијата во ЕУ и НАТО и на воспоставување на добрососедски односи со сите соседи. Тука, покрај успешната заедничка седница на Владите на двете земји во Подградец, ја потенцираше и  посветеноста на актуелната Влада во постигнувањето и потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и интензивирањето на комуникацијата со Република Грција, при што двајцата соговорници истакнаа дека во овој период е создадена позитивна политичка клима за решавање на клучните прашања кои ќе бидат од корист за влез на регионот во европското семејство и дека овој поволен моментум не смее да се пропушти. 

Покрај овие прашања, на средбата се разговараше и за унапредувањето на правата на етничките заедници кои живеат во двете земји, при што претседателот Џафери го поздрави донесувањето на Законот за малцинствата во Албанија, со кој се признаваат девет национални малцинства, меѓу кои и македонското и нагласи дека е потребно Парламентите во континуитет да ги подобруваат законските рамки во таа насока со цел граѓаните да ги уживаат сите права и да се чувствуваат добро каде и да се наоѓаат.   


Click