Собраниско раководство

Вторник, 25 септември 2018 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ДРЖАВНИОТ ЗБОР НА РЕПУБЛИКА СЛОВЕНИЈА, ДЕЈАН ЖИДАН

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари средба со Делегација од Република Словенија, предводена од претседателот на Државниот збор, г. Дејан Жидан, кој престојува во работна посета на Република Македонија. На средбата присуствуваа и претседателот и пратениците од Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Словенија, г-ѓа Нада Ципушева, г-ѓа Фросина Ташевска Ременски, како и претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Артан Груби. 

Претседателот Џафери, најпрво му го честиташе стапувањето на функцијата на претседателот Жидан и му посака успешна и плодна работа во текот на неговиот мандат на оваа функција. Исто така, изрази благодарност на Република Словенија за поддршка на Република Македонија за членство во НАТО и ЕУ. Неговата посета на прагот на претстојниот референдум кој ќе се одржи за неколку денови и кој претставува одредница за идната ориентација на земјата, уште еднаш ја потврдува поддршката на Република Словенија на евроатлантските аспирации на Македонија. Претседателот Џафери го информираше соговорникот за преземените реформски чекори и за ратификацијата на договорите потпишани со Република Бугарија и Република Грција. 

Претседателот Жидан, посакувајќи успешен референдум,  ја искажа отворената и силна поддршка на Република Македонија и на Договорот потпишан со Република Грција, посочувајќи ги бенефициите од членството во ЕУ и НАТО за малите земји, и предностите кои се овозможуваат за полноправните земја членки на овие организации. Покрај понудената целосна поддршка на Државниот збор на Република Словенија на патот за членство во ЕУ, упати покана до претседателот Џафери и до Групата за соработка и Комисијата за европски прашања од Собранието на Република Македонија да ја посетат Република Словенија и изворно да се запознаат со функционирањето на еден европски парламент на земја членка на Унијата.

Соговорниците беа согласни дека негувањето и унапредувањето на односите меѓу двата парламента треба да бележи интензитет во периодот што следи, како и да се продлабочува во доменот на образованието, економијата, животната средина и во други области од заемен интерес за двете земји.

Click