Собраниско раководство

Петок, 27 април 2018 година

Заедничка прес-конференција на претседателот на Собранието, г. Џафери и претседателот на Владата, г. Заев

Денеска се навршува точно една година од 27 април 2017 година, денот кога во Собранието се случи насилен упад и физичко загрозување на лицата кои се наоѓаа во законодавниот дом во тие мигови. 

По тој повод, беше организирана заедничка прес-конференција на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери и претседателот на Владата на Република Македонија, г. Зоран Заев. На пресот присуствуваа голем дел од лицата кои присуствуваа на настанот од 27 април 2017 година. 

Иако надвладуваа емоциите, бидејќи за поголемиот дел од присутните ова беше прво влегување во оваа просторија, сепак се течеше по предвидениот тек. 

Прв се обрати претседателот Џафери кој во своето обраќање рече дека денес за разлика од насилното упаѓање од пред една година, вратите на законодавниот дом се широко отворени за сите добронамерни граѓани, чија намера е да нè потсетат на нашата должност, а тоа е дека ние сите пратеници сме избрани од народот и дека наша должност е да работиме за народот. 

Претседателот Џафери рече дека на сите кои таа вечер не беа на висина на својата задача, им замерува само со една единствена причина, а тоа е  никогаш да не се повтори таа вечер, а тој како претседател на законодавниот дом ќе се погрижи тоа навистина да биде така. 

На крајот на своето обраќање, претседателот на Собранието се заблагодари на сите кои таа вечер ја сочуваа присебноста, ладнокрвноста и беа заштитници на столбот на демократијата.

Претседателот на Владата, г. Заев, откако направи ретроспектива на насилните настани од тој ден, рече дека граѓаните на Република Македонија запреа и срушија режим со пенкало, на слободни избори, низ слободно изразена волја на граѓаните. Тој повика на акција, повика да се приклучат сите со својата сила и креативност, со свои идеи и труд за градење на заедничка Македонија, како земја на сите граѓани, едно општество, економија во развој, членка на НАТО и ЕУ, држава со еднакви можности за сите свои граѓани. 

Click