Собраниско раководство

Недела, 25 март 2018 година, Женева

Обраќање на претседателот Џафери на 138. Собрание на ИПУ, на генералната дебата на тема „Зацврстување на глобалниот режим за мигранти и бегалци“

Почитуван претседавач,
Почитувани колеги пратеници,
Дами и господа,

Миграциите како појава не се нешто ново, тие се присутни можеби од самиот почеток на човековата цивилизација. Секако дека процесот на глобализацијата влијае овие текови на миграциите да бидат поинтензивни. Така, според податоците, денеска околу 258 милиони луѓе, односно 3,4 проценти од светската популација живеат надвор од државите во кои се родени.

Причините за миграција се, исто така, одамна познати. Првата причина е социоекономската, односно потрагата по подобар живот. Вториот тип на миграција се од држави и региони зафатени со воени конфликти, со насилство и непочитување на военото и хуманото право, нефункционирање на правната држава или пак поголеми природни катастрофи, односно кога луѓето се изложени на опасности кои ги загрозуваат нивните животи. Во првиот случај зборуваме за економски мигранти, а во вториот случај зборуваме за бегалци, иако многу често овие две категории меѓу себе се тесно поврзани.

Дами и господа,

Последниве години Европа се среќава со масовна бегалска и мигрантска криза. Само низ нашата држава, Република Македонија, која е дел од таканаречената „Балканска рута“, поминаа неколку стотици илјади мигранти и бегалци. Сепак, одредени анализи и информации покажуваат дека бегалската криза не е завршена и дека е време сите заедно, но и секоја држава посебно, да преземеме конкретни активности. Сите ние најчесто знаеме да се пофалиме со бројки, односно за тоа колку мигранти сме примиле или колку поминале низ нашата територија. Меѓутоа, не смееме да заборавиме дека мигрантите се најмалку од сè бројки, и тие се луѓе како нас. Разликата е во тоа што секој од нив, без разлика дали е економски мигрант или бегалец, носи многу тажна сторија. Многу често, пред сè жените и децата мигранти, се изложени на најгруби облици на насилство или се жртви на трговијата со луѓе, а организираниот транснационален криминал заработува милијарди долари врз нивните трагични судбини.

Дами и господа,

Многу меѓународни документи, меѓу кои и Универзалната декларација за човековите права, за која годинава одбележуваме 70 години од нејзиното донесување во Обединетите нации, нè обврзуваат да ја зајакнеме положбата на мигрантите и бегалците. Уште повеќе на ова нè обврзува и Њујоршката декларација за бегалци и мигранти, донесена во 2016 година, со која земјите на ОН се посветија на развој на Глобален компакт за бегалци и Глобален компакт за безбедна, уредна и регуларна миграција. Република Македонија во целост ги поддржува двата документа и се надева дека тие според договореното ќе бидат усвоени во јули оваа година и ќе ги имплементираме како на ниво на национални држави, така и во билатералните и мултилатералните односи.

Не треба да потсетувам дека нашата организација, како една од најстарите меѓународни организации, има донесено повеќе документи кои директно или индиректно се однесуваат на мигрантите и бегалците. Секако, би било идеално кога би можеле веднаш да ги запреме сите воени конфликти и кога би можеле во сите држави да обезбедиме одржлив економски развој. Но тоа, барем во овој момент е поблизу до утопија, отколку до реалност. Затоа, денеска сме тука како една од најстарите меѓународни организации да разговараме и да понудиме соодветни политички решенија кои ќе се темелат на вистински и реални аргументи. Мислам дека како национални парламенти, користејќи ги алатките на парламентаризмот, можеме многу да промениме. На пример, преку организирање на јавни расправи и преку нашата соработка со невладините организации, можеме многу да направиме во надминувањето на серија предрасуди и стереотипи кои се однесуваат на мигрантите. Имено, превладува мислењето дека мигрантите ни земаат нешто наше. Се заборава дека со целосната инклузија на мигрантите, бенефит ќе имаат самите мигранти, меѓутоа и државата домаќин. Понатаму, преку надзорната улога на парламентите, можеме да контролираме како извршната власт, поточно како соодветните министерства ги исполнуваат своите обврски кон мигрантите. Ќе ја спомнам само уште и парламентарната дипломатија, која преку соработка со парламентите во регионот, а и пошироко, може да даде конкретен придонес во поинтензивна и поефикасна соработка помеѓу државите кога станува збор за миграните и миграциските текови.

Дами и господа,

Дел од овие ставови се темелат врз искуствата што Република Македонија ги стекна за време на интензивните миграциски бранови кои минуваа низ нашата држава. Само да потсетам, низ Македонија која е дел од таканаречената „Балканска рута“, поминаа неколку стотици илјади мигранти. Сепак, успеавме и со нашите ограничени ресурси да го обезбедиме сето она што го превидува меѓународното хумано право и на тие луѓе да им обезбедиме барем основни услови за престој и транзит низ нашата држава. Тука, не можам а да не ја спомнам соработката и со меѓународните организации, пред се со УНХЦР, Црвениот крст и други. Понатаму, со помош на невладиниот сектор, направивме квалитетен чекор напред во создавање на една позитивна перцепција и однос на локалното население кон мигрантите. И, како што реков на самиот почеток, мигрантите, без разлика дали се економски или пак се бегалци од воени конфликти, се луѓе, а не бројки. А една од цивилизациските вредности на секој поединец, општество, држава или меѓународна организација, е да му помогне на секој човек.

Ви благодарам на вниманието.

Click