Собраниско раководство

Петок, 27 октомври 2017 година, Будимпешта

Обраќање на претседателот Џафери на 8. Конференција на претседатели на Парламенти од земјите на Западен Балкан, на тема: „ЕУ интеграции: резултати и аспирации“

Почитуван господин Ласло Ковер, претседател на Унгарското национално собрание,
Почитувани колеги,
Дами и господа,

Ова е Осма конференција на претседатели на Парламенти од нашиот регион, Западен Балкан, во организација на Унгарското национално собрание и овие наши средби веќе стануваат традиција за која сум убеден дека ќе продолжи. Сакам да ја искористам оваа пригода и да се заблагодарам на нашиот домаќин, уважениот колега Ласло Ковер, а преку него и на Унгарскиот парламент, за покажаниот континуитет во нивната меѓународна активност, односно парламентарната дипломатија за државите од Западен Балкан. Секако дека ова е знак на принципиелната надворешна политика на Унгарија кон државите од Западен Балкан и нивната интеграција во ЕУ. Тоа е политика која се темели врз определбата на отворени врати,  односно проширување на европското семејство. На овој начин, Унгарија многу отворено го манифестира еден од основните принципи врз кои се темели здружена Европа, а тоа е принципот на солидарноста.

Почитувани колеги,

Во Европа, од паѓањето на Берлинскиот ѕид до денес, се случија големи промени. Се создадоа нови држави, стариот еднопартиски, авторитарен систем се замени со парламентарна демократија, а сите држави од оваа страна на таканаречената „железна завеса“, се определија за членство во ЕУ. Односно, идејата на татковците на здружена Европа, Шуман, Черчил, Моне и други, многу брзо ја „освои“ Централна и Југоисточна Европа. Што се однесува на државите од нашиот регион, иако поминавме низ еден турбулентен и трагичен период, мислам дека ја научивме историската лекција и сите се определивме за полноправно членство во ЕУ. Притоа, свесни сме дека постигнувањето на таа цел, од нас изискува исполнување на сите потребни обврски, популарно наречени домашни задачи за нас, за нашите граѓани, а во исто време, преку билатерална и мултилатерална соработка со соседите и пошироко, да придонесеме во јакнење на мирот и стабилноста, а со тоа и европската перспектива на Западен Балкан.

Република Македонија, која патем, прва го потпиша Договорот за асоцијација и стабилизација, е држава кандидат за членство во ЕУ уште од 2005 година, меѓутоа поради причини, верувам познати на сите присутни, сè уште ги нема започнато преговорите за членство во ЕУ, иако, досега, од страна на Комисијата на Европската Унија, имаме добиено осум препораки за започнување на преговорите. Република Македонија, речиси две години живееше во една полулатентна политичка криза и нашето приближување кон ЕУ беше, искрено кажано, во хибернација. Притоа, мислам на спроведувањето  на внатрешните реформи и на динамиката на решавањето на споровите. Отвореното прашање со нашиот јужен сосед, колку и да е емотивно за нашите граѓани, сепак ни стои на патот кон постигнување на нашите стратешки определби и треба што е можно порано да се најде решение прифатливо за двете страни.  Денеска, без лажна скромност, ве известувам дека актуелната новоизбрана влада, новиот парламентарен состав, како и сите државни институции, сериозно работат во насока на враќање и здраво чекорење по патот на целосната интеграција во ЕУ и НАТО. Притоа, за нас е најважно што оваа политика има широка поддршка од граѓаните на Република Македонија, а тоа се потврди и на неодамнешните локални избори. На внатрешен план, Владата усвои посебен, таканаречен План 3-6 9, во кој се јасно поставени задачите кои треба да се исполнат, а утврдена е и динамиката на исполнување.

Собранието во овој мандатен период и јас како претседател на Собранието, поставивме неколку јасни правила и параметри кои се во функција на побрзото отпочнување на преговорите со Брисел. Се определивме и работиме во насока на остварување на целосна транспарентност во работењето на Собранието. Понатаму,  работиме сериозно на јакнењето на надзорната функција на Собранието врз извршната власт. Исто така, се определивме за воспоставување на вистинска соработка со невладиниот сектор и со експертската фела во процесот на донесување на законите и спроведувањето на потребните реформи. Мислам дека ова е вистинскиот начин за донесување на поквалитетни закони и за спроведување на посуштински реформи, кои во исто време ќе бидат многу поблиску до граѓаните, а секако ќе бидат во нивна корист. На надворешен план, сакам особено да истакнам две работи. Неодамна, со Бугарија потпишавме меѓудржавен договор за пријателство, добрососедство и соработка. Тоа е договор со кој, не само што се надминати некои историски антагонизми, туку се отвораат можности за градење на  многу поинтензивни односи во сите сфери, како што е политиката,  безбедноста, економијата, културата, и така натаму. Сето ова се темели врз принципи кои се карактеристични за односите на државите внатре во ЕУ. Исто така, работите со нашиот јужен сосед Грција се движат во позитивна насока ако се има предвид дека за само неколку месеци имаше две средби на министрите за надворешни работи на двете држави, едната во Атина, другата во Скопје. Тоа говори дека се поставени основите за градење на меѓусебна доверба. Искрено, тука очекуваме поактивна улога, како на Обединетите нации, преку посредникот Нимиц, така и на Брисел и неговите институции. Со другите држави во регионот имаме воспоставено високо развиени односи, кои подразбираат не само добра билатерала на сите полиња, туку и придонес за мирот и стабилноста на целиот регион и неговата европска перспектива. 

Почитувани колеги,

Сите ние многу сериозно ги следиме настаните во Европа. Сепак, без оглед на развојот на настаните таму, граѓаните на Македонија, без оглед на нивната политичка, етничка или верска определба, веруваат во идејата на Шуман, Черчил, Моне, Аденауер и другите европски политичари кои ја создадоа и ја развиваат Европската Унија. Исто така, верувам дека јавното мислење и во другите држави во регионот е доминантно проевропско. Секако дека тоа за нас политичарите е охрабрување и обврска да ги завршиме домашните задачи на сите полиња. Тоа подразбира целосно функционирање на правната држава и владеење на правото, доследно почитување и остварување на индивидуалните и колективните човекови права и слободи, целосно функционирање на парламентарната демократија, сè до функционирање на пазарните законитости. Од друга страна, очекуваме ЕУ да ја продолжи политиката на отворени врати, не само декларативно, туку преку своите механизми со кои процесите на интеграција би се интензивирале. Мислам дека Унгарија е добар пример за тоа како гореспоменатото се остварува во пракса. Имено, интеграцијата на државите од Западен Балкан секако е наша заедничка стратешка определба и е во корист на граѓаните, меѓутоа, во исто време, Европската Унија без Западен Балкан, нема да биде она за што зборуваа татковците на здружена Европа или како што се вели - цело е кога има сè.  

Ви благодарам.

Click