Собраниско раководство

Вторник, 18 септември 2018 година

Обраќање на претседателот Џафери на Конференција на тема „НАТО интеграцијата - предуслов за безбедност и развој“

Почитуван претседател на Евроатланскиот совет на Македонија, г. Рамадани,
Почитувана министерке за одбрана, г-ѓа Шекеринска,
Ваши екселенции,
Почитувани присутни,

Лично ми причинува особено задоволство што можам да учествувам на оваа конференција со која и формално се означува почетокот на петнаесет неделна школа на која учесниците ќе се запознаат со прашања врзани со безбедноста, одбраната и интеграциите во НАТО. Имено, јас во мојата професионална и политичка кариера сум бил и офицер и министер за одбрана така што сум работел конкретно на прашања во однос на нашата интеграцијата во НАТО. Притоа, сакам да истакнам дека секогаш сме имале добра соработка со Евроатланскиот совет на Македонија токму во оваа област. Во оваа прилика, сакам да подвлечам дека сега сите ние, и како граѓани, а и како политичари, сме пред еден историски момент, момент од кој зависи нашата сегашност, меѓутоа ќе зависи и нашата иднина. Не треба да потсетувам дека пред дваесет и седум години, кога на референдум граѓаните се определија за самостојна Република Македонија, пратениците од првиот состав таа определба ја преточија во уставно правна рамка и тогаш беа утврдени и стратешките цели на нашата држава, а тоа се целосна интеграција во НАТО и ЕУ. И сега, тој историски момент е навистина пред нас. На крајот на месецов, граѓаните на референдум ќе треба да решат дали го прифаќаат Договорот од Преспа, зад кој застанаа Владите на Република Македонија и Република Грција. Јас сум убеден дека овој Договор ќе биде прифатен од граѓаните, затоа што знаат дека со тоа ќе ни се отворат вратите за полноправно членство во НАТО сојузот и ќе ги започнеме преговорите за членство во ЕУ. Затоа, и како политичар, и како граѓанин, верувам дека со мнозинско ЗА на референдумот на 30-ти септември, ќе потврдиме дека како граѓани и како држава цивилизациски припаѓаме на Европа и ги  прифаќаме и споделуваме европските вредности. Убеден сум дека мнозинството граѓани, без разлика на нивната етничка, верска или политичка припадност, се свесни дека преку целосна интеграција во НАТО и ЕУ, обезбедуваме стабилна сегашност, безбедност и многу поперспективна иднина.

Дами и господа,

Членството во НАТО, не треба да се разбере во насока дека сега некој однадвор ќе ја врши нашата должност, ќе не брани и ќе се грижи за нашата безбедност. Напротив, членство во колективните безбедносни системи како што е НАТО, подразбира голема одговорност и активен придонес во зачувување на мирот и безбедноста, не само дома туку и на глобално ниво, бидејќи свесни сме дека мирот е неделива категорија. Припадниците на нашата армија досега учествувале и учествуваат во повеќе мировни операции ширум светот. Притоа, иако нашата армија е мала, сепак секојдневно потврдува дека има добро обучени војници и старешини кои ефикасно и одговорно ги исполнуваат дадените задачи. Односно, имаме армија која ги исполнува стандардите на НАТО.

Во исто време, НАТО не е само воена организација туку има многу значајна цивилна димензија, која пред сè е насочена кон целосно функционирање на правната држава, почитувањето на човековите права и слободи, односно почитувањето и применувањето на сите демократски стандарди врз кои денеска се темели парламентарната демократија.

Верувам дека во текот на ова школување, сите овие димензии на алијансата ќе бидат презентирани пред слушателите кои се млади луѓе од Армијата на Република Македонија, потоа  млади дипломци кои ги интересираат овие прашања, како и  претставници на невладиниот сектор, на партиските подмладоци и така натаму. Со еден збор, млади луѓе кои утре ќе ги уживаат придобивките од интеграцијата во НАТО и ЕУ, но во исто време ќе ги извршуваат и обврските кои произлегуваат од членството.

Почитувани,

Во програмата видов дека за слушателите се планира и посета на институциите и затоа, сакам да истакнам дека Собранието на Република Македонија, односно јас лично, а и моите колеги пратеници, со големо задоволство ќе прифатиме вакви средби и преку отворен дијалог со младите слушатели ќе ја претставиме работата на Собранието, особено во остварувањето на реформите кои се потребни за нашата интеграција во евроатланските структури. Затоа,  дозволете ми на крајот да ви посакам успешна работа, а убеден сум дека вашата активност и претстојниот циклус на обука многу позитивно ќе се одрази врз ширењето и јакнењето на евроатланските вредности.

Ви благодарам  на вниманието!

Click