Собраниско раководство

Среда, 19 јули 2017 година

Обраќање на претседателот Џафери на Регионална тркалезна маса  

Дами господа,
Почитувани колеги пратеници,
Ваши екселенции 
Почитувани присутни

На самиот почеток би сакал да го изразам моето задоволство за денешната покана да учествувам на оваа конференција која има регионален карактер. Сето ова внесува уште поголем квалитетен инпут во процесите на соработка, како помеѓу институциите во регионот, така и помеѓу невладиниот сектор.  Исто така сакам да изразам благодарност до Фондацијата Вестминстер со која Собранието на Република Македонија веќе традиционално има високо развиена соработка. Соработка од која произлегоа многу заеднички проекти кои имаат свој придонес во развојот на сите функции на Собранието, од законодавниот процес, надзорната улога, транспарентноста и отвореноста на Собранието, капацитетот на собраниската администрација и така натаму. Или, кажано со еден збор, јакнење на парламентарната демократија кај нас. Верувам дека сите ќе се согласиме дека кога ќе се спомне парламентарната демократија се мисли на работењето и функционирањето на Собранието. Меѓутоа, исто така верувам дека сите ќе се согласиме дека парламентарната демократија е неделив процес и мора да биде сеприсутна, како во сите три гранки на власта така и во општеството во целост. Односно, не можеме да зборуваме за демократија во Собранието, ако имаме најблаго речено, отуѓена извршна власт. Во исто време, не можеме да зборуваме за парламентарна демократија ако немаме владеење на правото, функционална правна држава и секако транспарентност и отчетност. И на крајот, не можеме да зборуваме за парламентарна демократија без вклученост на невладиниот сектор, експертската јавност и граѓанинот како поединец.

Почитувани,

Последниве две години, и како држава и како општество се наоѓавме во сериозна политичка криза. А кога е криза, општо познато е дека прва жртва е вистината и принципите на парламентарната демократија. Актуелното парламентарно мнозинство наскоро ќе одбележи 100 дена од своето работење и функционирање. Сакам да истакнам тука пред вас дека ова парламентарно мнозинство, заедно со мене како прв меѓу еднаквите, поаѓајќи од своите уставни и деловнички права и обврски, искрено и одговорно работи на враќање на парламентарната демократија во Собранието како институција. Како претседател на Собранието, неколкупати имам нагласено дека една од моите приоритетни задачи ќе биде токму јакнењето на транспарентноста на работата на Парламентот, на пратениците и собраниската администрација. Веќе се направени и одредени, можеби на прв поглед мали чекори, како што е на пример можноста граѓаните да бидат присутни и да ги следат собраниските седници. Исто така, планираме да внесеме нова и поквалитетна димензија на Собранискиот канал. Потоа и на нашата веб страница, која и денес, ваква каква што е, претставува значајна алатка за информирањето на граѓаните, а ја користат и новинарите и медиумите за нивните потреби. Секако, не треба да се заборави и технологијата и технолошката опременост на Собранието, имајќи го предвид брзиот развој на она што се нарекува комуникациска технологија и опрема.

Дами и господа,

Остварувањето на транспарентноста и отчетноста, како еден од основните принципи на парламентарната демократија, секако дека зависи од нормативното уредување и од технолошката опременост меѓутоа, според мене најмногу зависи од политичката волја и одговорноста, пред сѐ на актуелното парламентарно мнозинство, ама и одговорноста на опозицијата. Исто така, функционирањето на парламентарната демократија во сите нејзини аспекти зависи и од активностите на невладиниот сектор и воопшто од нивото на политичка култура кое преовладува во општеството. Верувам дека сите сакаме да живееме во функционална држава во која има владеење на правото. Верувам дека сите сакаме да бидеме информирани за тоа што и како работи Собранието, Владата, како се трошат нашите пари и така натаму. Прашањето е, колку се овие вредности кај политичките елити само декларативни, а колку се вистински, искрени определби и вредности. Јас лично, имам чувство дека кај актуелното парламентарно мнозинство преовладува искреноста и одговорноста за овие вредности и принципи. 
Сепак, да бидам искрен докрај, само со чувства не се постигнува многу. И токму тука ја гледам улогата на невладиниот сектор, на експертската и академската јавност, на медиумите кои преку своето делување ќе внесуваат нови идеи, предлози и квалитетни решенија. А во исто време, ќе бидат остри и објективни критичари, а на моменти и вистински чувари на парламентарната демократија.Затоа, уверен сум дека оваа денешна конференција ја има токму таа цел и дека нејзините заклучоци, кажано метафорично ќе бидат само едно мало камче во убавиот мозаик наречен парламентарна демократија и кој по правило никогаш нема да биде завршен ама, сега кај нас, а и во државите во регионот, е сѐ уште на самиот почеток. Мислам дека е крајно време развојот на парламентарната демократија да го ставиме на правиот колосек и со вистинска динамика и да го развиваме. Тоа е наша одговорност, и како политичари, и како невладин сектор, и како граѓани поединци.

Ви благодарам

Click