Собраниско раководство

Петок, 7 септември 2018 година

Прес-конференција на претседателот Џафери

Почитувани граѓани,
Почитувани претставници на средствата за јавно информирање, 

Собранието на Република Македонија и пратениците имаат чест и одговорност да бидат овластен носител на кампањата за референдумот закажан за 30 септември 2018 година. 

Самото прашање „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција“ во себе ја содржи стратешката определба за која се залага секој претставник на граѓаните од осамостојувањето на Република Македонија до денес.  

Имајќи ја предвид историската чест и задоволство, но во исто време и обврска и одговорност кои ги презедовме како избраници на народот, а тоа значи да го изодиме докрај патот на Република Македонија за нејзино полноправно членство, признавање и препознавање од страна на меѓународната заедница, ЕУ и НАТО, денес сме овде, како координативно тело, да ја информираме јавноста дека како овластени носители на кампањата, истата ќе ја водиме транспарентно, непосредно и директно, без дискриминација, предрасуди и со почитување на волјата на секој граѓанин. Наша цел е детално да ги информираме граѓаните за големата слика, за придобивките од нашето членство во НАТО и ЕУ, кое не подразбира само заштитени граници, заедничка надворешна политика и отворени патишта за нашите граѓани; членството подразбира повеќе странски инвестиции, повеќе работни места, поголем пазар за пласирање на производи, повеќе можности за образование и напредок на младите генерации; истовремено подразбира и целосно владеење на правото, правната држава, како и реформи во судството и во сите сфери на социјалниот живот.

Свесни сме дека голем дел од граѓаните ги знаат придобивките од членството, што е потврдено и преку истражувањата на јавното мислење минативе години, кога поддршката на граѓаните за членство на земјата во НАТО и во ЕУ не паднала под 70%, а свесни сме и дека има граѓани кои не го поддржуваат членството на земјата во овие институции.

Токму затоа, државните институции имаат обврска и одговорност да му овозможат на секој граѓанин, на 30 септември да ја донесе одлуката добро информиран, додека одговорност на граѓаните е преку својот глас да ја искажат својата волја.

Како координативно тело, ги повикуваме сите учесници во кампањата да се однесуваат соодветно, коректно, достојно, со цел граѓаните на Република Македонија да ја донесат вистинската одлука за европската иднина на државата. 

Click