Соопштенија

Понеделник,  22 јануари 2018 година

Собраниска делегација на зимска сесија на ПССЕ во Стразбур

На редовната зимска сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, која се одржува од 22 до 26 јануари 2018 година во Стразбур, Франција, учествува Делегација на Собранието на Република Македонија во состав Бетиан Китев, шеф на Делегацијата и Африм Гаши, заменик-член. 

На почетокот на Првата сесија за 2018 година, пратениците ќе избираат претседател на Парламентарното собрание со мандат од една година и право на реизбор, а ќе се бираат и нови претседатели и потпретседатели на комисиите. Според дневниот ред на зимската сесија обраќања пред пратениците ќе имаат претседателите на Ерменија и Австрија, како и премиерот и принцезата на Данска. Клучни дебати, за кои ќе дебатираат пратениците, се хуманитарните последици од војната во Украина, основните приходи на граѓаните и заштитата на регионалните и малцинските јазици. Исто така, ќе се разгледува и последниот мониторинг извештај за тоа колку Босна и Херцеговина ги исполнува своите обврски кон Советот на Европа, како и периодичните прегледи за состојбата во Естонија, Грција, Унгарија и Ирска.

Предвидено е и министерот за надворешни работи на Данска, во својство на претседавач со Комитетот на министри, извршниот орган на Советот на Европа,  да поднесе извештај до Собранието и да одговара на прашања. Генералниот секретар на Советот на Европа ќе го има своето годишно обраќање, а комесарот за човекови права на Советот на Европа ќе извести за своите активности во 2017 година.

На почетокот на сесијата пратениците ќе одлучуваат и за трите барања за итни дебати од кои две се однесуваат на израелско-палестинскиот мировен процес и улогата на Советот на Европа, а третото се однесува на зголемувањето на антисемитизмот, исламофобијата и ксенофобијата во Европа.

На оваа сесија пратениците на Парламентарното собрание на Советот на Европа ќе бираат нов комесар за човекови права од тројцата кандидати, г. Пјер Ив Ле Борн од Франција, г-ѓа Дуња Мијатовиќ од Босна и Херцеговина и г. Горан Клеменчич од Словенија.





Click