Соопштенија

Петок, 23 март 2018 година

Собраниска делегација во Женева

Делегација на Собранието на Република Македонија ќе учествува на 138. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што ќе се одржи од 24 до 28 март 2018 година во Женева, Швајцарска конфедерација. Делегацијата ја сочинуваат: м-р Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Македонија и шеф на Делегацијата, г. Томислав Тунтев, г. Јован Митрески, г. Димитар Стевананџија, г. Реџаиљ Исмаили, г. Африм Гаши и г-ѓа Јулиана Николова, членови на Делегацијата и г-ѓа Цветанка Иванова, генералнa секретарка на Собранието на Република Македонија. 

Се очекува на ова Собрание на ИПУ да учествуваат околу 1.500 претставници од над 140 земји членки на Унијата, како и повеќе од 60 претседатели на парламенти.

Главна тема за дискусија на 138. Собрание на ИПУ е „Зацврстување на глобалниот режим за мигранти и бегалци“. Комисиите на ИПУ ќе дискутираат за бројни прашања од нивната надлежност, меѓу кои: одржување на мирот како средство за постигнување на одржлив развој; вклучувањето на приватниот сектор во имплементацијата на Целите за одржлив развој на ООН, особено во полето на обновливите енергии; зацврстување на меѓупарламентарната соработка за миграцијата и управување со миграцијата, со перспектива за усвојување на Глобален компакт за сигурна, уредна и регуларна миграција; парламетарно следење на Целите за одржлив развој и сл.

Во рамките на 138. Собрание седници ќе одржат и „Форумот на жени парламентарки“, „Форумот на млади парламентарци“ и „Здружението на генерални секретари на парламенти“. 

Интерпарламентарната унија, основана во 1889 година, е најстарата мултилатерална политичка организација и најголемата меѓупарламентарна асоцијација, во која членуваат 178 национални парламенти и 12 меѓународни парламентарни собранија. Светската организација на парламентите со седиште во Женева има статус на постојан набљудувач во Организацијата на Обединетите нации.


Click