Активности

Петок, 23 март 2018 година

БУГАРИЈА ЌЕ ЈА ПОДДРЖИ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ВО ЕВРОПСКАТА ИНТЕГРАЦИЈА

Делегацијата од Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Бугарија, предводена од потпретседателката на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Фросина Ташевска-Ременски, во рамките на официјалната посета на Република Бугарија, денеска оствари средба со заменик претседателот на владата и министерка за надворешни работи на Република Бугарија, г-ѓа Екатерина Захариева. 

Госпоѓата Захариева констатираше дека од потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка како историски чин, двете земји активно се посветија во градењето нов тип отворени и пријателски односи, засновани на европските вредности. Храброста, која ја покажаа премиерите и пратениците од двете страни, кои го ратификуваа Договорот веќе даваат видливи резултати, особено во зголемување на трговската размена и во протокот на туристи. Со оглед на поставената договорна рамка, веќе се потпишани 10 спогодби за конкретна соработка меѓу ресорните министерства на двете држави, во доменот на транспортот, инфраструктурата и одбраната. Таа го истакна значењето на посетата на македонската парламентарна делегација, што е првата таква посета после 11 години. Во однос на реформските процеси, г-ѓа Захариева додаде дека реформскиот процес не е лесен, но секој напор е достоен за тоа и изрази надеж дека сите партии во Собранието на Република Македонија исто така ќе покажат политичка зрелост и конструктивност и ќе ја поддржат нејзината реализација, што е пред сè важна за нејзините граѓани.

Потпретседателката Ременски ја нагласи искрената посветеност и подадената рака од страна на Република Македонија, која актуелното раководство ја препозна и направи сериозен историски исчекор во унапредувањето на билатералните односи меѓу двете земји. Определбата да ги решава отворените прашања особено со соседите беше предемет на испитување на јавното мислење, каде околу 70% од граѓаните позитивно го оценуваат потпишувањето на Договорот со Република Бугарија, уште еднаш на тој начин потврдувајќи ја определбата за членство во НАТО и Европската унија. Во таа насока, г-ѓа Ременски побара поддршка и помош од страна на Република Бугарија за исполнувањето на неопходните критериуми за членство во овие организации, но и валоризација на напорите и реформите кои се преземени од актуелната влада и од Собранието на Република Македонија за добивање на датум за преговори за членство во ЕУ во рамките на Бугарското претседателство со Советот на Европската унија. 

Двете страни беа согласни дека и покрај предизвиците, опстоиле на ставот за надминување на отворените прашања на европски начин, кој беше поздравен и поддржан од страна на Европската унија како позитивен пример кој треба да го следат и останатите земји од Западен Балкан.

Делегацијата исто така имаше можност да размени мислења со претседателот на Комисијата за европски прашања и контрола над европските фондови, г. Кристијан Вигенин и членовите на Комисијата, на која уште еднаш беше потврдено дека интеграцијата и напредокот на земјите од Западен Балкан е во фокусот на приоритетите на Република Бугарија. Пратениците од Комисијата на Народното собрание на Република Бугарија ја искажаа својата спремност поконкретно да отпочнат соработка со својата партнерска Комисија за европски прашања во Собранието на Република Македонија и да и помогнат во градењето на правна рамка пред отпочнувањето на процесот на преговори за членство во Европската унија, на база на научени лекции од Република Бугарија со што би се избегнале долгорочните последици кои таа денес ги трпи од донесувањето на одредени одлуки за кои немала добиено конркетна помош и експертиза. Исто така, тие ја поддржаа соработката меѓу сите парламентарни комисии за прашања и помош од заемен интерес во овој процес, за да се испратат јасни сигнали на добра соработка кои ги бараат граѓаните на двете држави. Тие беа согласни дека конструктивната соработка со опозицијата и градењето консензус за клучните прашања останува неопходна за успешен евроинтегративен процес и донесување на неопходните закони кои налагаат поддршка од нејзина страна.

Потпретседателката Ременски потенцираше дека со посетата, Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Бугарија го пробива патот за соработка по кој треба да се движат идните генерации на политичари од двете страни и го поздрави личниот ентузијазам и проактивност на домаќините, на кој ќе биде возвратено со видливост на примена на позитивните политики од македонска страна. 

На крајот, преовладуваше ставот дека во перидот што следи, треба да се отпочнат активностите во различни сектори од евроинтегративниот процес меѓу двата парламенти на сите нивоа и очекувања дека по Самитот во мај во Софија и состанокот на Комисиите за европски прашања – КОСАК во јуни оваа година, ќе се добие појасна слика за идните чекори на секоја земја аспирант за членство во ЕУ, вклучително и на Република Македонија и дека соодветно ќе се пристапи на истите, со цел за нивна што посупешна реализација.   

  



Click