Активности

Петок, 10 ноември 2017 година

Јавна расправа на тема: „Сеопфатна стратегија за образованието за 2018 - 2025 година“ (нацрт)

Комисијата за образование, наука и спорт на Собранието на Република Македонија одржа јавна расправа на тема: „Сеопфатна стратегија за образованието за 2018 - 2025 година“ (нацрт).

На јавната расправа беа поканети и присуствуваа претставници на Министерството за образование и наука, јавните универзитети, синдикалните организации од областа на образованието, на студентите, на невладините организации чиј домен на интерес е образовната сфера и на проектните одделенија на меѓународните организации  со седиште во Република Македонија. Пред присутните Сеопфатната стратегија ја презентираше министерката за образование и наука проф. д-р Рената Десковска која истакна дека се работи за документ изработен со финансиска и техничка помош од страна на Европската унија.

Се работи за стратешки документ кој, во периодот до 2025 година, ќе биде основа за реформските процеси во образованието во насока на создавање активни, мотивирани и со интегритет ученици, наставници и граѓани на општеството подготвени со знаење и вештини за модерниот свет. 

Во дискусијата, во која се вклучија претставници на сите поканети субјекти беа изнесени конструктивни мислења, предлози и забелешки кои треба да се имаат предвид во изработката на финалната верзија на стратегијата за образованието 2018-2025.