Активности

Вторник, 29 мај 2018 година, Киев 

Македонија и Украина споделуваат цврста одлучност да станат дел од ЕУ и НАТО

Делегација на Собранието на Република Македонија, во состав: г. Јован Митрески, претседател на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Украина; г-ѓа Весна Пемова и г. Ејуп Алими, членови на Групата, престојуваат на возвратна посета на Украина, на покана од г. Андриј Шињкович, претседател на Пратеничката група на Врховната Рада на Украина за меѓупарламентарни односи со Република Македонија. 

Делегацијата денеска оствари средби со: г. Ирина Герашченко, прв потпретседател на Врховната Рада на Украина; г. Андриј Шињкович, претседател на Пратеничката група за односи со Република Македонија на Врховната Рада на Украина и членовите на Групата. 

На средбите се дискутираше за прашања од доменот на билатералните односи и соработка меѓу Република Македонија и Украина, како и соработката меѓу Парламентите на двете земји. Беше истакнато дека односите меѓу Република Македонија и Украина од нивното осамостојување се карактеризираат со дух на пријателство, доверба, отсуство на отворени или спорни прашања, како и соработка во голем број области од заемен интерес. Истовремено, беше потенцирана потребата од зголемена трговска размена помеѓу двете држави, имајќи ги предвид добрите политички односи и економските потенцијали со кои располагаат Република Македонија и Украина.

Двете страни се согласија дека Република Македонија и Украина ја споделуваат цврстата одлучност да станат дел од ЕУ и НАТО.

Господинот Јован Митрески информираше за приоритетите на Република Македонија – членство во ЕУ и НАТО, развивање на добрососедски односи и активна вклученост во меѓународните иницијативи. Нагласувајќи дека мирот и стабилноста на Украина се од големо значење за целиот регион, како и за стабилноста на Европа, г. Митрески ги повика своите колеги пратеници да истрајат во напорите за исполнување на реформите во областа на правосудниот систем, борбата против корупцијата и децентрализацијата.

Потпретседателката на Врховната Рада на Украина, г-ѓа Ирина Герашченко,  која е воедно и специјален претставник на претседателот на Украина за Донбас, информираше за состојбата во кризните региони во Источна Украина, како и обидите за изнаоѓање на одржливо решение за запирање на вооружениот конфликт и разрешување на комплексната безбедносна ситуација.

Украинските пратеници се заблагодарија за континуираната поддршка на Република Македонија на Украина, а особено на парламентарната поддршка во рамките на меѓународните собранија во кои членуваат Парламентите на двете земји. Беше изразена благодарност и за поддршката од Република Македонија за унитарниот карактер и територијалниот интегритет на Украина. Украинските пратеници информираа за четирите главни реформи кои се спроведуваат во земјата: судска, здравствена, образовна и пензиска.

Соговорниците се согласија да остваруваат редовни контакти и изразија уверување дека парламентарната соработката меѓу Република Македонија и Украина ќе продолжи да се продлабочува.

Во рамките на посетата, членовите на Делегацијата на  Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Украина го посетија и Националниот технички универзитет на Украина „Киевскиот политехнички институт Игор Сикорски“.

Click